Македонија
26. October 2022 - 16:13

Претепан Зоран Божиновски - новинарските здруженија бараат одговорност

Сопственикот на порталот „Буревесник“, Зоран Божиновски вчера вечер бил претепан од две непознати лица пред неговиот дом во Битола.

Кај Божиновски била констатирана скршеница на носот и други повреди на главата. Тој бил однесен во Клиничката болница Битола, каде му е укажана лекарска помош и утрово бил пуштен на домашно лекување, но попладнево повторно мора да се јави во болница.

Од МВР го потврдија настанот и велат дека се преземаат мерки за расчистување на случајот.

„На 25.10.2022 во 20.42 часот во СВР Битола, П.С. од Битола пријавила дека на ул.„Кочо Рацин“ во Битола нејзиниот сопруг З.Б. бил физички нападнат од неколку лица. Се преземаат мерки за расчистување на случајот“ – соопшти МВР.

– Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и Советот за етика во медиумите (СЕММ) бараат итна реакција од Министерството за внатрешни работи да спроведе брза и ефикасна истрага во интерес на пронаоѓање и санкционирање на напаѓачот врз сопственикот нa порталот „Буре весник” Зоран Божиновски.

– Го осудуваме секој облик на физичко насилство и потенцираме дека физичкиот напад претставува кривично дело. Апелираме МВР и ОЈО, итно да ги истражат и процесираат ваквите напади со цел да ги казнат оние кои го прекршуваат законот, но и да превенираат евентуални вакви кривични дела во иднина, велат од ЗНМ и СЕММ