Пресметан падот на економијата, следи потешкиот дел за опоравување
Кризата со пандемијата од Ковид – 19, според проекциите на Министерството за финансии, ќе ја намали за 3,4 проценти активноста на македонската еконономија годинава. Бизнисот оценува дека на земјава и претстои потешкиот период на совладување на кризата и обнова на економските текови, за што има очекувања од најавата за олабавување на здравствените мерки кои ја блокираа работата на повеќе дејности.
-Ефектите од кризата врз економијата, се очекува да бидат најголеми во второто тримесечје, во третото се очекува забавување на контракцијата, а во четвртото закрепнување на економијата и раст, рече вчера на прес-конференција министерката за финансии Нина Ангеловска, оценувајќи дека засега работите се одвиваат подобро од предвиденото сценарио на Министерството за финансии.
Последните информации на здравствените институции покажуваат дека епидемијата спласнува поради што и се очекува да се олабават мерките. Според најавите, до крајот на неделава треба да бидат изработени протоколите за работа на затворените компании и институции и се очекува да се применуваат веќе од следната недела.
Ангеловска прецизираше дека здравствените мерки што се во сила и натаму ќе делуваат на услужниот сектор, транспорт, угостителството, туризам, дејноста „уметност, забава и рекреација“, прометот на трајни добра, но и врз дел од индустриските капацитети и градежната дејност, пред се, во вториот квартал. Тоа ќе влијае врз потрошувачката и инвестициите, а сето тоа ќе се одрази и на побарувачката. Исто така, и падот на дознаките од странство и на странските директни инвестиции ќе влијаат кон дополнително надолно прилагодување на потрошувачката и инвестициите. Олеснителна околност, оцени Ангеловска, ќе бидат антикризните мерки, кои ќе придонесат кон ублажување на последиците врз пазарот на работна сила и доходот на домаќинствата, а со тоа и врз нивната потрошувачка. Како резултат на сето ова, приватната потрошувачка се очекува да се намали за 3,3 проценти, а бруто-инвестициите за 9,6 проценти на реална основа.
Буџетските приходи во април се намалени за 20 проценти, а даночните за 31 процент, придонесите се на исто ново како лани. По основ на ДДВ има помалку приходи за 43,5 проценти, персоналниот данок на доход забележа пад од -11,7 проценти, данокот на добивка забележа раст од 3,6 проценти, акцизите пад од 40 проценти, а наплатата на царините е помала за 26 проценти.
Последиците од кризата врз работните места државата очекува да ги намали со мерките за помош на стопанството, а за поддршка не ликвидноста досега се овозможени две кредитни линии за бескаматни кредити.
Како што информираше Ангеловска, околу 7.000 компании аплицирале, ги користат или ќе користат некоја од двата сета економски мерки што ги претстави досега Владата.
Од бескаматните кредитни линии што беа лансирани, првата веќе комплетно е искористена и со неа 631 компанија што вработува 5.600 лица добија одобрени вакви и кредити во износ од 4,7 милиони евра. За втората линија од осум милиони евра, пак, на првиот ден од објавата се доставени 600 апликации од компании.
Рокот за аплицирање на мерката субвенции за исплата на плати во приватниот сектор во износ од 14.500 денари истекува на 7 мај, а првите исплати се очекуваат на 10 мај. Досега ваква поддршка побарале 5.350 компании, а над 4.000 се веќе одобрени. Токму оваа мерка, според Ангеловска, се очекува да придонесе за враќање на работните места на дел од лицата кои останаа без работа во март и април како последица а кризата. Според официјалните информации на Агенцијата за вработување, од почетокот на кризата во март и во април се регистрирани нови 9 000 невработени.
Податоците што ги објави вчера Стопанската комора на Македонија покажуват дека 71 процент од нивните членки и покрај проблемите со кои се соочуваат поради пандемијата засега не најавуваат затворање на компаниите. Но сепак, како што посочуваат од комората, пред сите компании стои проблемот со одржување на ликвидноста и проблемот со извозот на државата заради најавените прекини на голем дел од договорите.
Според комората, македонската економија веќе втор месец функционира во исклучително тешки околности, а се потпира на своите сопствени резерви, а владините мерки и покрај најдобрата волја и намера на Владата се комплицирани и тешко достапни до значаен дел од нашите членки.
– На нашата држава и претстои потешкиот период на совладување на кризата и обновата на економските текови. Во тој период цениме дека државата мора да комуницира со својот економски дел кој е единствениот креатор на приходите во буџетот. Ако тој не функционира, нема ни шанса за нормален живот, порача на прес-конференција Антони Пешев, претседавач на Собранието на Стопанска комора.
Според опозициската ВМРО-ДПМНЕ, падот на буџетските приходи за 20 проценти е показател дека македонската економија е во очајна криза.
Оттаму тврдат дека се отпуштени над 100 000 граѓани и оти секој четврти работник во земјава зема намалена плата. Очекуваат невработеноста да биде над 20 проценти. – Мерките на Владата во економијата се мизерни и задоцнети и никако не помагаат во справување со последиците од корона пандемијата, обвинува ВМРО-ДПМНЕ од каде бараат концизни и широкоофатни мерки.
Како што најави министерката Ангеловска, Владата ја следи состојбата и ако има потреба од дополнителни мерки, тие ќе бидат преземени. Веќе се прави план за постепено отворање на економијата, а во неговата изработка се вклучени и економските ресори и стопанските комори. Засега не може да се каже кога тоа ќе се случи затоа што, како што рече, се зависи од здравствената криза, од линијата на новозаболени, на излечени.
Ново на Сител
-
Пронајдени 14 мигранти во Кумановско, од кои четворица малолетни
-
Силекс се искачи на врвот на табелата
-
До крајот на денов сончево со мала локална облачност
-
Пакистан го прекина интернетот и мобилната телефонија
-
Мицкоски: Очекувам до следната летна или есенска сезона да има нови 100 до 120 електрични автобуси за јавен градски превоз
-
„Фаненшл тајмс“: Русија регрутира платеници од Јемен да се борат во Украина
-
Зеленски: Украина треба да ја зајакне противвоздушната одбрана за да ги заштити луѓето
-
Мицкоски: Со банките е договорена каматна стапка од 1,95 проценти за унгарскиот кредит за компаниите