Македонија
2. November 2022 - 10:45

Пресечен меѓународен канал за транспорт на дрога вредна околу 250.000 евра | ВИДЕО |

На 01.10.2022 од страна на Единицата за недозволена трговија со дрога, Сектор за недозволена трговија со дрога, оружје и опасни материи при Одделот за криминалистичка полиција во координација со СВР Велес и Царинската управа, пресечен е меѓународен транспорт на наркотични дроги и запленети се околу 67 килограми марихуана, со проценета вредност од околу 250.000 евра.

По добиени информации за можен транспорт на наркотични дроги, од страна на Единицата за недозволена трговија со дрога преземени се интензивни мерки за проверка и анализа, при што е дојдено до информации и утврдување на идентитетот на лицето кое е инволвирано во вршење на транспортот. 

Веднаш по ова, координирани се полициски службеници од Отсекот за дрога при СВР Велес кои околу 15.30 часот на наплатна станица Отовица, во правец на Скопје, запреле возило „фолксваген туран“ со скопски регистерски ознаки, управувано од Д.Ј.(46) од Скопје.  Под сомнение дека со возилото се пренесува наркотична дрога, тоа е пренесено на Граничен премин Блаце, каде од страна на тим од мобилна царина и со употреба на службено царинско куче, извршен е детален преглед и во возилото е откриен специјално направен простор-бункер во подот од возилото, вклучувајќи го и подот од багажниот простор, како и резервоарот од самото возило, кои биле исполнети со повеќе пакувања со марихуана во количина од околу 67 килограми, соопшти портпаролот на МВР, Сузана Прањиќ Талевска.

Лицето за паричен надомест од 2.500 евра требало со неговото возило да ја транспортира дрогата од Република Албанија, преку територијата на нашата земја, до Република Турција како крајна дестинација. Денеска (02.11.2022) од страна на СВР Велес до надлежното ОЈО Велес ќе биде поднесена кривична пријава за сторено кривично дело по член 215 од Кривичниот законик, а лицето ќе биде спроведено пред судија на претходна постапка од Основен суд Велес.