Македонија
9. February 2023 - 16:42

Премиерот лично ќе се вклучи за набавка на лекот, се бара и одговорност

Лекот за кој пациентите со цистична фиброза молат цели две години, државата сега итно ќе го набавува. Смртта на Благојче Илијиевски ги разбуди институциите. Според премиерот Ковачевски виновна е бирократијата од која државата пати веќе 30 години. Вели можевме да направиме повеќе за Благојче, а нема да дозволиме да изгубиме уште еден човечки живот.

По непреспиената ноќ Ковачевски вели дека од утрово се превземени сите чекори за итна набавка на трикафта за најкритичните пациенти, а од министерот Сали очекува одговор дали и натаму ќе раководи со министерството за здравство.

Разговарав и со директорот на ФЗО и со министерот за финансии и тоа беа нивните први денешни разговори кои ги имаа. И ги замолив а посебно министерот за здравство да размисли и да ми каже дали  може да го продолжи својот мандат. Јас, мојата одлука кадровските прашања ќе ја донесам после тоа. Но, немам намера да чекам низ бирократските лавиринти да се чека нешто да се преземе. Туку уште утрово се преземени конкретни чекори. Решив дека уште веднаш ќе се одвојат финансиски средства од ФЗО за најкритичните болни од цистична фиброза, кажа премиерот.

Според Сали министерството за здравство не е најодговорна институција. За пречките за набавка на терапијата поддршка била побарана и од Владата, Министерството за финансии и Фондот за здравствено осигурување. Неопходните 140 милиони денари за набавка на трикафта се одобрени утрово.

Членовите на Асоцијацијата за цистична фиброза со кои сум во комуникација ја знаат мојата спремност за решавање на тој проблем кој за жал беше наталожен од други фактори, а не од Министерството за здравство, имајќи предвид дека МЗ не ги купува лековите туку го организира системот и правно ги овозможува сите движења, односно давање ингеренции на установи со кои можат да располагаат и како да се организираат“, изјави министерот за здравство Беким Сали.

Глумењето грижа и каење е задоцнето обвинува опозицијата. ВМРО-ДПМНЕ бара оставка од Ковачевски, но и од шефот на државата кој пред две години лично му ветуваше помош на Благојче Илијевски. 

Дали Димитар Ковачевски чекаше да изгубиме млад човечки живот за да глуми лицемерен душегрижник и сега веднаш да почне да се грижи за луѓето болни од цистична фиброза.

Главното прашање е што правеше Димитар Ковачевски веќе два месеци откако болните од цистична фиброза и нивните фамилии беа пред Владата на протест, со барања за помош при набавката на потребниот лек кои за нив живот значи.

Многу задоцнето е глумењето на грижа и каење. Наместо денес да барал од министерот Сали одговорност, Ковачевски веќе требаше тој самиот откако најрано во неговиот живот станал од спиење, да ја изготви неговата оставка, и сите граѓани да се спасат од оваа неспособност.

45-годишниот Благојче Илијевски вчера ја загуби битката со цистична фиброза. Како најкритичен пациент, Благојче не ја дочека набавката за лекот трикафта, за кој до вчера државата тврдеше дека е прескап.