Преку СЕПА, од денеска побрзи и поевтини плаќања во евра за граѓаните и компаниите

Граѓаните и компаниите од денеска ќе можат да ги извршуваат плаќањата во евра со земјите од Единствената област за плаќања во евра (СЕПА) побрзо и поевтино. Со приклучувањето кон СЕПА им се овозможи на домашните банки да се интегрираат во европските платежни шеми во кои учествуваат давателите на платежни услуги од уште 40 земји.
Гувернерот на Народната банка Трајко Славески вели дека земјава практично станува дел од Единствената област за плаќање во евра (СЕПА) со што граѓаните и компаниите ќе можат да вршат плаќања во евра на ист начин како и во земјите од Европската унија.
Народната банка соопшти дека девет банки веќе се целосно подготвени да започнат со извршување плаќања во рамките на шемата за кредитни трансфери СЕПА на почетокот на октомври 2025 година. Согласно објавениот календар на Европскиот совет за плаќања, од 7 октомври 2025 година, плаќањата ќе бидат овозможени преку „НЛБ банка“ АД Скопје, „Стопанска банка“ АД Скопје, „Комерцијална банка“ АД Скопје, „Шпаркасе банка“ АД Скопје, „Халк банка“ АД Скопје, „Прокредит банка“ АД Скопје, „ТТК банка“ АД Скопје, „УНИ Банка“ АД Скопје и „Централна кооперативна банка“ АД Скопје. Останатите три банки интензивно работат на интеграцијата во оваа шема на СЕПА и се очекува дека ќе завршат најдоцна до крајот на првиот квартал од 2026 година, согласно рокот утврден со одлука на Народната банка.

Според објавените официјални тарифи на овие девет банки, плаќањата во евра со земјите од СЕПА се повеќекратно поевтини во споредба со постоечкото кореспондентно банкарство. Притоа, банките нудат пониски надоместоци за електронските плаќања во споредба со плаќањата на шалтерите.
- Граѓаните ќе им плаќаат на банките во просек за шестпати помалку за електронско плаќање на износ од 500 ЕУР кон земјите од СЕПА, коешто чини околу 260 МКД наспроти 1600 МКД колку што плаќаат во моментов преку кореспондентното банкарство. За приливите во евра на истиот износ од земјите во СЕПА, граѓаните ќе плаќаат во просек двојно помалку, односно 140 МКД наспроти 280 МКД преку кореспондентното банкарство, прецизираат од НБ.
Посочуваат дека трошоците на компаниите кон банките исто така значително се намалуваат. Така, за плаќање во евра кон земјите во СЕПА на износ од 20.000 ЕУР, компаниите ќе плаќаат во просек за осумпати помалку, односно надоместокот ќе изнесува околу 570 МКД наспроти 4.740 МКД преку кореспондентното банкарство. За приливите во евра на истиот износ од земјите во СЕПА, компаниите ќе плаќаат во просек тројно помалку, односно околу 390 МКД наспроти 1.180 МКД преку кореспондентното банкарство.
Народната банка и Македонската банкарска асоцијација ги повикуваат граѓаните и компаниите да ги користат придобивките од подготвеноста на банките за извршување на плаќањата во СЕПА од 7 октомври, при што во интерес на ефикасноста ги охрабруваат сѐ повеќе да ги користат дигиталните канали.
МИА
Ново на Сител
-

Вучиќ: Специјалниот суд за Косово сакаше да го зачува кредибилитетот на ОВК
-

Централно-левичарска опозиција победи на изборите во Шведска
-

Русија бара меѓународен договор за забрана на офанзивно оружје во вселената
-

ЦУК: Активни два пожари на отворен простор, осум изгаснати во текот на денот
-

Курти: Пресудата за водачите на ОВК е неприфатлива неправда
-

Мицкоски во Вашингтон на средба со конгресмените Клаудиа Тени и Кит Селф, разговарано за значењето на стратешкото партнерство со САД
-

Македонските одбојкари со триумф над Израел
-

Се предлага зголемување на помошта за новороденчиња: 18.450 денари за прво, 36.900 за второ и 52.275 денари за трето дете
