Преку СЕПА, од денеска побрзи и поевтини плаќања во евра за граѓаните и компаниите

Граѓаните и компаниите од денеска ќе можат да ги извршуваат плаќањата во евра со земјите од Единствената област за плаќања во евра (СЕПА) побрзо и поевтино. Со приклучувањето кон СЕПА им се овозможи на домашните банки да се интегрираат во европските платежни шеми во кои учествуваат давателите на платежни услуги од уште 40 земји.
Гувернерот на Народната банка Трајко Славески вели дека земјава практично станува дел од Единствената област за плаќање во евра (СЕПА) со што граѓаните и компаниите ќе можат да вршат плаќања во евра на ист начин како и во земјите од Европската унија.
Народната банка соопшти дека девет банки веќе се целосно подготвени да започнат со извршување плаќања во рамките на шемата за кредитни трансфери СЕПА на почетокот на октомври 2025 година. Согласно објавениот календар на Европскиот совет за плаќања, од 7 октомври 2025 година, плаќањата ќе бидат овозможени преку „НЛБ банка“ АД Скопје, „Стопанска банка“ АД Скопје, „Комерцијална банка“ АД Скопје, „Шпаркасе банка“ АД Скопје, „Халк банка“ АД Скопје, „Прокредит банка“ АД Скопје, „ТТК банка“ АД Скопје, „УНИ Банка“ АД Скопје и „Централна кооперативна банка“ АД Скопје. Останатите три банки интензивно работат на интеграцијата во оваа шема на СЕПА и се очекува дека ќе завршат најдоцна до крајот на првиот квартал од 2026 година, согласно рокот утврден со одлука на Народната банка.

Според објавените официјални тарифи на овие девет банки, плаќањата во евра со земјите од СЕПА се повеќекратно поевтини во споредба со постоечкото кореспондентно банкарство. Притоа, банките нудат пониски надоместоци за електронските плаќања во споредба со плаќањата на шалтерите.
- Граѓаните ќе им плаќаат на банките во просек за шестпати помалку за електронско плаќање на износ од 500 ЕУР кон земјите од СЕПА, коешто чини околу 260 МКД наспроти 1600 МКД колку што плаќаат во моментов преку кореспондентното банкарство. За приливите во евра на истиот износ од земјите во СЕПА, граѓаните ќе плаќаат во просек двојно помалку, односно 140 МКД наспроти 280 МКД преку кореспондентното банкарство, прецизираат од НБ.
Посочуваат дека трошоците на компаниите кон банките исто така значително се намалуваат. Така, за плаќање во евра кон земјите во СЕПА на износ од 20.000 ЕУР, компаниите ќе плаќаат во просек за осумпати помалку, односно надоместокот ќе изнесува околу 570 МКД наспроти 4.740 МКД преку кореспондентното банкарство. За приливите во евра на истиот износ од земјите во СЕПА, компаниите ќе плаќаат во просек тројно помалку, односно околу 390 МКД наспроти 1.180 МКД преку кореспондентното банкарство.
Народната банка и Македонската банкарска асоцијација ги повикуваат граѓаните и компаниите да ги користат придобивките од подготвеноста на банките за извршување на плаќањата во СЕПА од 7 октомври, при што во интерес на ефикасноста ги охрабруваат сѐ повеќе да ги користат дигиталните канали.
МИА
Ново на Сител
-

Кривична пријава за Јани Макрадули, поранешен директор на „Пошта“, поради злоупотреба на позицијата
-

Синдикалната минимална кошница за октомври надмина 70.000 денари
-

Мицкоски: Високо образование на мајчин јазик е неспорно, македонскиот е официјален јазик во правосудниот систем
-

Роналдо доби казна од 255 евра - пари кои тој ги заработува за само 39 секунди
-

Трамп: Ѝ дадовме многу на Украина, тие нам ништо не ни дадоа
-

Рама најавува нови мерки: Пониска возраст за кривична одговорност и забрана на социјалните мрежи за деца под 16 години
-

Apple чекал 15 години за првиот преклопен iPhone: „Не сакавме да направиме евтин и неквалитетен телефон“
-

Македонскиот крем – де ла крем со предновогодишен концертен спектакл: Сузана, Наум, Миле и Баже со нивните гости во кафеанска ноќ за паметење!
