Loading Video...
Свет
25. December 2023 - 12:19

Преглед на вестите од светот

За денеска се најавени нови протести во Белград, овојпат во организација на дел од студентските организации.

Српските медиуми јавуваа дека студенти и млади луѓе кои учествуваат на протестите поради, како што тврдат, кражба на изборите на 17 декември, денеска ќе извршат шестчасовна сообраќајна блокада на две локации во Белград.

Тие ги повикаа граѓаните да се соберат во 11 часот пред Министерството за државна управа и локална самоуправа, од кои бараат да се овозможи проверка на избирачкиот список, јави агенцијата Бета.

Блокадата, како што најавија, ќе почне во 12 и ќе трае до 18 часот, а секоја наредна би можела да биде и подолга доколку не се исполнат нивните барања.

Властите во Србија пак во 15 часот закажаа седница за национална безбедност, по синоќешните инциденти пред Градското собрание, по кои беа приведени 35 лица, додека двајца полицајци беа потешко повредени.

Српскиот претседател Александар Вучуќ во своето обраќање порача дека нема да дозволи безредија во неговата земја. Премиерката Брнабиќ пак јавно им се заблагодари на руските безбедносни служби кои доставиле информации до своите српски колеги дека се подготвува сценарио слично на тоа што се случуваше на киевскиот Плоштад Мајдан.

Протестите поради изборни нерегуларности започнаа на 18 декември, ден по изборите, а се одржуваат секој ден во 18 часот пред седиштето на Републичката изборна комисија.

 

70 лица загинаа во последните израелски гранатирања на бегалскиот камп Магази во Појасот Газа, соопштија локалните здравствени власти, кои се под контрола на Хамас. Од палестинското министерство за здравство информираа дека израелските напади погодиле неколку семејства во кампот.

Ова е еден од најкрвавите израелски напади изминативе неколку недели.

Борбите се интензивираа на теренот, откако пропадна еднонеделното примирје на почетокот на месецот. Воените дјствија во меѓувреме се проширија од северот на Појасот Газа до целата должина на Газа.

Израелските сили извршуваат напади во Појасот Газа од 7 октомври, откако Хамас и други радикални палестински групи извршија крвави напади врз Израел, вклучително и масовни убиства на цивили.

Според последните инфомации, убиени се повеќе од 20 илјади луѓе, а над 50 илјади се повредени, од кои најголемиот дел се цивили.