Преглед на вестите од светот
Русија не сака да употреби нуклеарно оружје тврди заменик претседателот на рускиот Совет за безбедност. Дмитриј Медведев во интервју за телевизијата Ал Арабија вели дека тоа е последната опција на руската доктрина бидејќи како што потенцира „никој не е луд во руското раководство“. Според него, конфликтот во Украина може да биде прекинат без нови човечки загуби доколку НАТО престане да го разгорува огнот на војната, но украинските напади со оружје со долг дострел само ја отстрануваат можноста за преговори.
Откако Путин најави дека Русија повторно ќе ја употреби експерименталната ракета против Украина, но и дека Русија почнува со сериоско производство на „Орешник“, Зеленски тврди дека Украина веќе работи на можноста да се одбрани.
Украина работи на развој на нови видови воздушна одбрана за да се спротивстави на новите ризици откако Русија искористи нова ракета со среден дострел. Потегот на Русија бара сериозен одговор за да се спречи, рускиот претседател Владимир Путин да ја прошири војната и да ги почувствува вистинските последици од неговите постапки, рече Зеленски.
Хиперсоничната руска ракета со брзина 11 пати побрза од брзината на звукот се причина и за итни разговори НАТО Украина следната недела во Брисел, но и во фокус на вчершаната средба помеѓу првиот човек на НАТО и новоизбраниот американски претседател Трамп. За средбата која се одржала во Флорида има само една реченица во која се вели дека Руте и Трамп разговарале за сите проблеми на светската безбедност.
Трамп размислува да го постави Ричард Гренел за специјален пратеник за руско-украинскиот конфлик објавува Ројтерс повикувајќи се на 4 анонимни извори.
Иако во моментов не постои функција специјален пратеник посветен само на решавање на руско-украинскиот конфликт, според Ројтерс Трамп размислува да ја создаде функцијата како чекор кон обидите да стави крај на војната.
Трамп веќе официјано потврди дека менаџерот на хеџ фондот милијардерот Скот Бесент е номиниран за нов секретар за финансии. Американските медиуми оценија дека функционерите што ги избира Трамп се како телевизиски кастинг.
Високиот суд во Нови Сад им одреди притвор кој може да трае и до 30 дена на министерот за градежништво на Србија во оставка, Горан Весиќ и на поранешниот директор на Железничката инфраструктура на Србија, Небојша Шурлан. Тие се во групата осомничени поради уривањето на бетонската настрешница на Железничката станица во Нови Сад, при што загинаа 15 лица, а две лица се уште се борат за живот. Притвор добија уште 7 лица осомничени за тешко кривично дело против општата безбедност, во врска со предизвикување општа опасност.
-
Деспина Тодоровска
Сите содржини од овој новинар