Loading Video...
Свет
13. November 2024 - 16:31

Преглед на вестите од светот

Најбогатиот човек во светот Илон Маск влегува во Владата на Доналд Трамп. Како што објавија западните медиуми тој ќе раководи со новоформирано министерство за ефикасност на Владата или скратено DOGE што според весникот “Гардијан” е кратенка за раса на кучиња, но и за криптовалутата dogecoin која ја промовира токму Маск. Тој со пост на неговиот Twiter ја потврди функцијата. Како што изјави пред месец има за цел да ги намали државните трошоци за 2 трилиони долари. 

Со него во новото министерство ќе биде и поранешниот републикански претседателски кандидат Вивек Рамасвами.

Уште едно име кое Трамп планира да го номинира за министер предизвикува интерес кај светската јавност. Британски “Телеграф” објави дека водителот на Фокс Њуз, 44 годишниот Пит Хегсет ќе раководи со ресорот одбрана. Тој е поранешен армиски ветеран, но без иускуство во јавната администрација. 

Трамп најави дека со ЦИА ќе раководи Џон Ретклиф, поранешен конгресмен од Тексас, кој беше директор за националното разузнавање и во првата година од неговиот претходен претседателски мандат. Тој е познат по јавното обвинување кон Иран дека преку е-пошта ги заплашувале гласачите во САД во претседателската трка во 2020 година.

 По катастрофалните поплави во источна Шпанија пред 2 недели , издадено е ново предупредување и црвен аларм за обилни врнежи и ниски температури. Тамошните Власти преку чистење на канали и шахти се подготвуваат да спречат нови жртви.

Во катастрофата која најмногу ги погоди Валенсија, Каталонија и Андалузија загинаа повеќе од 225 лица.

 Голема експлозија утрово одекнала во јужните предградија на Бејрут. Израелските напади ги принудуваат жителите да ги напуштаат домовите, од другата страна две лица беа убиени во северен Израел, откако зграда беше погодена за време на ракетен напад. Израелската армија соопшти дека пресретнала 10 проектили од Либан, а одговорноста подоцна ја презеде Хезболах. Конфликтот на Блискиот Исток беше во фокусот и на средбата на американскиот претседател Џо Бајден со израелскиот претседател Исак Херцог во Белата Куќа. Двајцата лидери разговараа и за хуманитарната ситуација во Газа и заложниците кои сè уште ги држи Хамас. 

Бројката на жртви во главниот град на Либан од почетокот на нападите постојано расте и надмина 3.000 луѓе.