Преглед на вестите од светот
Српскиот претседател ја потпишал согласноста за враќање на редовен воен рок од 75 дена, но Владата ќе треба да ја донесе и официјалната одлука. Тој е задолжителен за мажите, додека пак Србинките ќе може доброволно да служат.
-Сакам да верувам дека Владата на Србија ќе ја донесе таа одлука. Сакам да верувам дека сите разбирате колку ни треба силна армија, уште колку оружје ќе треба да купиме, да правиме, да создаваме. Затоа што не е наша желба да нападнеме некого. Ниту ќе го направиме тоа. Но, нашата желба е да ги одвратиме сите оние кои секојдневно ни се закануваат, рече Вучиќ во обраќањето на свеченото унапредување во првиот офицерски чин на 177 питомци на Воената академија.
Регрутирањето на новата генерација би започнало следната година. Но сега се поставува прашањето како младите во новата дигиталната ера ќе одговорат на овој предизвик. Дали се подготвени да ги заменат мобилните телефони за пушки и да се соочат со предизвиците на воената дисциплина?
Генерал мајор Лука Кастровиќ, којшто е искусен воен стратег има оптимистички поглед по однос на ова прашање.
Генерал мајор Лука Кастровиќ, тонско Младите генерации се многу пофлексибилни отколку што мислиме и сигурен сум дека многу брзо би се прилагодиле на сите воени услови. Без оглед на тоа колку е дигитализиран светот денес, воената обука е универзална. Тоа не е само обука за војна, туку и за цивилни предизвици - вонредни ситуации како што се поплави, земјотреси, пожари.
Најмалку четири лица загинаа во поплавите во Романија. Обилните дождови направиле пакос во 19 села. Според податоците на тамошните власти во последните 24 часа наврнало 150 литри дожд на метар квадратен.
Земјите низ централна и источна Европа се соочија со пораст на реките и екстремни врнежи од дожд.
Некои градови долж чешко-полската граница извршија евакуација, бидејќи реките го надминаа нивото на тревога. Прага, која претрпе катастрофални поплави во 2002 година, постави бариери за поплави, како и заштата за излевање на реки.
Повеќе врнежи се предвидуваат и во наредните денови во овој регион, вклучително и во јужна Германија и делови од Австрија, Чешка, Полска, Словачка и Унгарија.
Иран денеска лансираше истражувачки сателит во орбитата со помош на ракета направена од Корпусот на Исламската револуционерна гарда.
Лансирањето се случува во време кога САД и европските земји го обвинуваат Иран за пренос на балистички ракети на Русија, кои најверојатно ќе ги користи за неколку недели во војната против Украина. Иран го негираше ова.
Примарната мисија на сателитот, кој тежи 60 килограми, е „тестирање на хардверски и софтверски системи за демонстрација на технологија за маневрирање на орбитата“, пренесуваат државните медиуми.
Иран, кој има една од најголемите ракетни програми на Блискиот Исток, имаше неколку неуспешни обиди да лансира сателити во последните години поради технички проблеми.
-
Габриела Лескова
Сите содржини од овој новинар