Преглед на вестите од светот
Разговорите со претставниците на САД за мировен план за Украина беа конструктивни, истакна украинскиот претседател Володимир Зеленски. Тој во текот на денешниот ден се очекува да се сретне и со францускиот претседател Емануел Макрон, како и со британските и германските лидери во Лондон.
На средбата ќе се разговара за продолжувањето на преговорите меѓу американските и украинските претставници, чија цел е постигнување договор за гаранции за Украина по завршувањето на војната. Нацртот на мировниот договор, во чија изработка посредувале американски и руски претставници, беше критикуван дека ја остава Украина во слаба и ранлива позиција.
Руски ракетен напад врз брана во Харковската област прекина важен логистички пат за снабдување на украинските Патот до браната Печениги, која се наоѓа на реката Северски Доњец, води до фронтовите кај Вовчанск, Велики Бурлук и Купјанск, каде украинските сили се под силен притисок. Најмалку седум лица се повредени кога руски беспилотни летала погодија станбен блок во североисточниот украински град Охтирка во регионот Сум. Регионот Сум, се граничи со Русија и се соочува со речиси секојдневно гранатирање и напади со беспилотни летала.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во текот на вчерашниот ден во Ерусалим објави дека Израел наскоро ќе ја продолжи втората фаза од прекинот на огнот во Газа, додека Хамас изјави дека е подготвен да го положи оружјето како дел од прекинот на огнот со Израел. На прес-конференција по средбата со германскиот канцелар Фридрих Мерц, тој изјави дека првата фаза од договорот за прекин на огнот во Газа е во голема мера завршена. Израел ќе обезбеди враќање на останките на последниот заложник и е подготвен да продолжи кон втората фаза. Нетанјаху до крајот на месецот ќе има средба со американскиот претседател Доналд Трамп за да разговара за напредокот на втората фаза. Тој го повтори ставот на Израел дека нема да се согласи со формирање палестинска држава.
Мерц рече дека Германија го поддржува правото на Израел да постои и неговата безбедност. Тој повика на спроведување на втората фаза од договорот за прекин на огнот во Газа и изјави дека Хамас не може да има улога во повоеното управување со Газа. Тој го посочи отворениот став на Германија кон формирањето палестинска држава, додека се спротивставува на каква било анексија на Западниот Брег од страна на Израел.
Откако започна примирјето, Хамас ги врати сите 20 живи заложници и 27 тела во замена за околу 2.000 палестински притвореници и затвореници. Телото на еден заложник сè уште останува во Газа.
-

Марјан Ников
Сите содржини од овој новинар
