Свет
28. October 2017 - 9:41

Предвремени парламентарни избори на Исланд

Исландските државјани со право на глас денеска гласаат на предвремени парламентарни избори, откако минатиот месец се распадна владејачката коалиција.

До распад на коалицијата, составена од три партии со конзервативна и центристичко-либерална ориентација, дојде поради секс-скандалот во кој учествуваше премиерот Бјарни Бенедиктсон. Коалицијата беше на власт од јануари, но по само неколку месеци партијата Светла иднина се повлече од Владата, откако таткото на премиерот Бенедиктсон потпиша писмо за бришење на криминално досие на осуден педофил.

Овој помал коалициски партнер, како причина за своето повлекување го истакна „сериозното нарушување на довербата“, тврдејќи дека премиерот се обидел да прикрие скандал, во кој неговиот татко интервенирал да се избрише криминалното досие на еден сексуален престапник.

Станува збор за човек кој во 2004 година беше осуден на пет и пол години затвор поради сексуално злоставување на својата малолетна поќерка.

Бенедиктсон (47) е соочен и со повторно испитување на поврзаноста на неговото богато семејство со исландските претприемачи. Пред неколку години, медиумите пишуваа дека тој префрлил пари од фонд во една од главните банки на Исланд во 2008 година, непосредно пред ескалирањето на финансиската криза, за време на која пропаднаа три големи банки.

Бенедиктсон, кој тогаш беше член на Парламентот и беше во Комисијата за економија и данок, ги отфрли обвиненијата дека дејствувал врз основа на доверливи информации за тоа дека централната банка ќе ја преземе банката „Глитнир“.

Во меѓувреме, „Глитнир“ издејствува забрана за објава на нивните документи и електронска пошта, а Бенедитсон изјави дека не учествувал во вакво дело и оти забраната за објава за него била штетна.

Аналитичарите наведуваат дека скандалите на премиерот ја погодија и неговата конзервативна Партија на независноста, која долга низа години е главна политичка сила на островот. Сега и опаѓа поддршката, па за врвот се бори со Левото зелено движење. Двете партии уживаат доверба од околу 22 до 23 отсто, што би значело околу 15 пратеници во Парламентот, покажа последното истражување на Галуп.

Во досегашниот парламентарен состав, конзервативците имаа 21 пратеник, додека зелените-леви десет.

Инаку, ова се втори предвремени избори на Исланд во последните неколку години. Претходните се одржани во октомври 2016 година, по јавниот гнев по откривањето на документите кои покажаа дека тогашниот премиер Сигмундур Гунлаугсон и неговата сопруга поседувале оф-шор компанија на Британските Девствени Острови.

Гунлаугсон поднесе оставка во април 2016 година и отфрли каква и да е вина. Тие избори резултираа со фрагментиран Парламент, во кој беа застапени дури седум партии, што е рекорд за Исланд.

Поради тоа, на Бенидиктсон му требаа неколку кругови преговори за да формира коалиција со „тесно“ мнозинство од еден пратеник во Собранието, со вкупно 63 народни избраници.

Слично сценарио веројатно се очекува и по денешните избори, затоа што анкетите покажуваат дека осум партии имаат доволно поддршка за да го минат парламентарниот праг од пет отсто.

Една од нив е новооснованата Партија на центарот на Гунлаугсон, чии девет проценти во анкетите би значеле шест места во Парламентот, односно едно повеќе од неговата поранешна Прогресивна партија.

Аналитичарите оценуваат дека Светла иднина повторно ќе влезе во Парламентот, а Реформистичката партија, втората помала партија во распуштената коалиција, ќе се бори да го мине цензусот.

Претседателката на Левото зелено движење, Катрин Јакобсдотир (41) има најмногу шанси за формирање нова влада. Во анкетите нејзината партија води, а коалициски партнери најверојатно ќе и бидат партијата Социјалдемократи и Пиратска партија. Сепак, медиумите оценуваат дека за мнозинство најверојатно ќе им треба уште еден партнер.

Партијата на Јакобсдотир беше дел од црвено-зелената коалиција со Социјалдемократите, која владееше од 2009 до 2013 години. Еден од првите потези на таа коалиција беше апликацијата за членство во Европската Унија, но Владата на Гунлаугсон во 2015 ја повлече кандидатурата. Анкетите покажуваат дека повеќето Исланѓани се против членство во ЕУ.

Во предизборната кампања не доминираше ниту една тема, бидејќи партиите главно се согласуваат околу зголемувањата на издвојувањата за здравствениот и образовниот сектор, иако левите и десните партии не се согласуваат околу стапката на данокот.

Вкупно 682 мажи и 562 жени ќе се натпреваруваат за 63 места во Парламентот на Исланд.