Предупредување од ЕК: Спорниот туристички проект може да го загрози патот на Албанија кон членство

Европската комисија ја предупреди Албанија дека контроверзниот туристички проект во заштитеното подрачје Вјоса-Нарта, кој се поврзува со Џаред Кушнер, зет на американскиот претседател Доналд Трамп, би можел да влијае врз нејзиниот напредок на патот кон членство во Европската Унија, објави Ора њуз, повикувајќи се на Политико.
Предупредувањето доаѓа во период кога во Албанија повеќе дена траат протести против изградбата на луксузен туристички комплекс во регионот, кој е познат по богатата флора и фауна, вклучувајќи фламинга, медитерански мечки и морски желки.
Според телевизијата, од Европската комисија порачале дека Албанија треба да се воздржи од активности кои би можеле да го загрозат исполнувањето на условите од Поглавјето 27, кое се однесува на животната средина и климатските промени.
-Брисел побара од албанските власти целосно усогласување на законодавството со европските правила за заштита на природните живеалишта и птиците, како и укинување на измените во Законот за заштитени подрачја и преиспитување на Законот за стратешки инвестиции, додава телевизијата.
Од Европската комисија потврдиле дека албанскиот министер за животна средина Софјан Јаупај информирал дека работите на проектот се стопирани и дека ќе биде спроведена процена на влијанието врз животната средина со учество на граѓански организации.
Наспроти ова премиерот Еди Рама, вчера во сопствениот поткаст и во реакција по протестот, доцна синоќа, повтори дека нема ништо да ја попречи реализацијата на овој проект, кој „Албанија ќе ја направи шампион во туризмот”
Специјалното обвинителство за борба против корупција и организиран криминал (СПАК) веќе информираше дека во тек е истрага за промените на статусот на заштитеното подрачје донесени во 2024 година само со гласовите на социјалистите, како и сопственоста на земјиштето поврзано со проектот.
Во меѓувреме протестите кои организаторите ги нарекоа „Револуција на фламингата“, добија поддршка и од албанската дијаспора во повеќе европски градови и во САД.
Синоќа во Тирана беше одржан осмиот протест а за 10 јуни најавен е сенационален протест.
МИА
Ново на Сител
-

Пожар на депонијата кај Струмица, пожарникарите апелираат до граѓаните да останат смирени
-

Ѓорѓиевски: Печатената грешка веќе е коригирана, а Скопје доби нов знак како што доликува.
-

Владата донесе одлука од денеска интервентно да обезбеди по 50.000 литри дневно бесплатна вода за пиење за граѓаните на Гостивар
-

Епидемиолозите прогласија епидемија во Гостивар
-

МЗ: Близу 350 лица викендов прегледани во Гостиварската болница со симптоми на ентероколит, три лица се хоспитализирани
-

Невреме предизвика голема материјална штета низ Словенија, десетици интервенции на пожарникарите
-

Андоновски: Во Крушево отворен 16. Центар за услуги, граѓаните добиваат непосредна поддршка и директен пристап до електронските услуги
-

Топлотниот бран продолжува до вторник, заладување и дожд од среда
