Предан: Исклучително сме мотивирани да го решиме прашањето Скопје – Софија
Прашањето Скопје – Софија може да се реши само со трпелива и тивка дипломатија, во отворен дијалог на сите фактори Софија, Скопје, Брисел, Љубљана. Потоа важна е улогата на Берлин, Париз и на Вашингтон. Јас сум умерен оптимист затоа што не можам да верувам дека и после трет пат и два интензивни обиди и на германското претседателство и на португалското, мислам дека е „трета среќа“. Имаме на маса неколку предлози, вклучително и португалскиот предлог. Ќе се обидеме да работиме токму на португалскиот предлог, тоа е заедничка оценка на сите држави членки. И американските оценки се такви, дека тоа е еден добар документ со кој, така да речам, двете страни може да живеат.
Ова го изјави словенечкиот амбасадор Милан Предан во дневникот на Сител телевизија, каде говореше за тоа дали ќе има старт на преговорите за Македонија за време на словенечкото претседателство со ЕУ, дали португалскито предлог е се уште на маса и како Словенија гледа на ветото од Софија за Скопје.
Тој најави дека на повидок се некои решенија, кои можат да ги задоволат интересите на сите страни, бидејќи, како што потенцира, сосема е јасно дека тоа што сега се случува му штети на нашиот кредибилитет.
Амбасадорот Предан оцени дека тоа не е само проблем на Бугарија или на Македонија, туку е проблем на ЕУ и на целиот регион. Ако тоа успееме да го решиме, подвлече, тоа во целиот регион ќе има позитивно влијание и луѓето ќе почнат да веруваат дека проширувањето на ЕУ со Западен Балкан не е само политичка синтагма, туку ЕУ навистина мисли сериозно.
– Не сакам да ширам лажен оптимизам, не можеме да ветиме политичко чудо, но можам да кажам дека сме исклучително мотивирани да го решиме прашањето Скопје – Софија и ја имаме поддршката од сите 26-членки на ЕУ и сите имаат интерес да се реши ова прашање. Ние веќе работиме на неколку можни сценарија за тоа како можеме да им пристапиме на некои работи, рече амбасадорот Предан.
Прашан дали пред јавноста може да каже дали се загарантирани позициите на македонскиот идентитетот и на јазикот во португалскиот документ, словенечкиот амбасадор е дециден во одговорот дека се загарантирани.
– Да, сигурно. Затоа и ја спомнав изјавата која во јавноста предизвика некакви дилеми што точно во тој документ пишува. Тој документ, пред се ги има во предвид интересите на двете страни. Јас мислам дека апсолутно ги почитува вашите позиции. Мислам дека е еден иновативен предлог, не можам сега да навлегувам во детали, тоа се уште се интерни документи што ќе бидат на маса, за кои се уште ќе се дебатира, но бидете сигурни, јас сум сигурен – ги штити вашите интереси и ги штити вашите т.н. црвени линии. Можеби тој предлог имаше шанса веќе да биде на некој начин усвоен, но португалското претседавање беше при крај, а пред се, ситуацијата во Бугарија е што таму се уште нема Влада со целосни овластувања, немаат Парламент. Беше јасно дека во таква ситуација никој не сака да преземе одговорност за такви важни политички одлуки. Ние се надеваме дека изборите во Бугарија во недела ќе дадат резултат кој ќе овозможи брзо формирање Влада и ние уште од сега работиме на тоа некако да подготвиме терен за договор, појаснува амбасадорот Предан.
Додаде дека денеска словенечкиот претседател Пахор е во Софија и таму има средба со Радев и ова, како што рече, веројатно ќе биде единствена тема во нивните разговори. Наведе дека веќе има комуникација меѓу Љубљана и Софија, и пред се има комуникација со Брисел.
– Решение мора да се бара, но најмалку тука во Скопје, вие вашите позиции ги дефиниравте, тие се јасни и мислам дека вие со вашите предлози отидовте доволно далеку за да истовремено ги зачувате своите црвени линии и сепак да покажете флексибилност и политичка волја за договор, истакна Предан.
На прашањето за резолуциите со кои се поставуваат црвените линии и колку тие можат да помогнат во целиот процес, словенечкиот амбасадор не сакаше да коментира, како што рече, некои внатрешно политички состојби во Македонија.
– Јас во принцип би рекол дека имам контакт со многу луѓе тука кои ги бранат тие црвени линии во преговорите. Вчера имав долг разговор со претседателот од македонскиот дел во историската комисија каде исто така имаат црвени линии, така што сметам дека тие црвени линии на сите им се јасни, каде Македонија не може да оди во понатамошни компромиси. Но, мислам дека сега мора да се бара решение, пред се во дијалогот Софија – Брисел и секако Љубљана и останатите членки. И сега е прашање она што Бугарија постојано го бара – јасни правни гаранции дека Договорот од 2017 ќе се спроведе од македонска страна. Тука сега има идеи како тоа да се направи, рече амбасадорот Предан.
Според него, климата во последните неколку седмици е променета и сите, како што подвлече, сфатија дека тој процес треба да се покрене и нашите бугарски пријатели треба да покажат политичка волја и прагматизам за некој договор.
– Македонија е најважен приоритет на она што ние сакаме да го направиме на Западен Балкан. Ако ни успее да го решиме за време на нашето претседавање, ние за следните 20 години ќе имаме политички кредит, а ако не успееме, тоа ќе биде уште поголемо разочарување од големото очекување, изјави словенечкиот амбасадор, кој бил новинар 25 години.
Нагласи дека Западен Балкан е високо на приоритетите на словенечкото претседавање со ЕУ, додавајќи оти фокусот ќе биде ставен и на постковид периодот, а важна тема ќе биде и т.н. зелена транзиција.
– Важна приказна е конференцијата за иднината на Европа која почна на 9 мај. Главната дебата ќе биде во време на нашето претседавање. Ние планираме на тој овогодишен стратешки форум кој ќе биде на почетокот на септември во целост да се посветиме на таа тема. Она што е важно за овој простор е нашата иницијатива во таа дебата, која главно ќе биде преку онлајн платформи, освен некои настани кои ќе бидат во живо, да се вклучат и државјаните на Западен Балкан. Тие мора да учествуваат во таа дебата каква ќе биде идна Европа, тоа сигурно нив ги интересира, рече меѓу другот словенечкиот амбасадор Предан.
Ново на Сител
-
Сѐ уште не се применува новиот Закон за употребата на македонскиот јазик
-
По 10 ин витра и 10 спонтани абортуси, 61 годишна мајка на свет го донесе Петар, тежок 2350 гр.
-
Арсовска нема да се кандидира за нов мандат на претстојните локални избори
-
Борисов ја повлече кандидатурата за премиер на Бугарија: Не сакам веќе да се занимавам со оваа уништена држава
-
До петок стабилно, потоа облачно со повремени врнежи од дожд
-
СДСМ: Намалувањето на парите за чист воздух е удар врз здравјето на народот
-
Средба Сиљановска-Филипче во Вила Водно
-
Србин постави чадори за своите сограѓани, како гест на љубезност | ВИДЕО