Православните верници слават Богојавление - Водици
Православните верници денеска го слават празникот Богојавление - Водици кој се празнува уште од вториот век. Поврзан е со крштавањето на Исус Христос во водите на реката Јордан од страна на свети Јован, кој од тогаш се нарекува Крстител. Празникот се нарекува уште и Водици поради големиот водосвет што го извршува црквата на овој ден.
Традиционално, во реките се фрлаат крстови, а оној што ќе го фати Светиот крст се верува дека ќе го следи благослов и среќа во текот на целата година. Фаќањето на крстот значи соединување на човекот со Христа, а се верува дека со фрлањето на крстот водите се осветуваат и стануваат лековити. Со Водици завршуваат т.н. некрстени денови.
Како и во минатите години, најмасовно беше во Скопје и во Охрид. Централната манифестација во Скопје се одржа напладне кога архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан го спушти крстот во Вардар од мостот „Слобода“.
Даниел Дончевски и годинава, по четврти пат, го фати крстот во Вардар, во центарот на Скопје.
На чинот на положување на Светиот крст во водите на реката Вардар присуствуваше и претседателот на Владата на Република Македонија за спроведување на парламентарните избори Емил Димитриев.
Претходно, од 9 часот, поглаварот на МПЦ г.г. Стефан богослужеше Златоустова литургија во црквата „Рождество на Пресвета Богородица“.
Празнувањето по повод верските празници Богојавление и Свети Јован Крстител во Охрид е една од најмасовните црковно-верски манифестации во православието, барем во овој дел од светот, како според бројот на посетители на чинот на осветувањето на водите на Охридското Езеро, така и според бројот на верници и гости кои влегуваат во студените езерски води за да го фатат Светиот крст.
Дваесети и шестгодишниот Петар Рупески од охридската населба Варош беше најсреќниот меѓу стотината верници кои денеска скокаа по Светиот крст што во осветените води на Охридското Езеро го фрли митрополитот на Дебарско-кичевската епархија, г. Тимотеј.
Празвувањето на Богојавленскиот водосвет во Охрид продолжува и утре, со Денот на рибарите, поточно прославувањето на празникот Свети Јован Крстител.
Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов по повод одбележување на празникот Богојавление - Водици во Кичево присуствуваше на богослужбата во Соборниот храм „Св. Петар и Павле“ и на церемонијата на положување на Светиот крст, а претседателот на Собранието Трајко Вељаноски во населбата Хром, кај „Железниот мост“ на реката Вардар.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски присуствуваше на чинот на положување на светиот крст во водите на реката Вардар во Гостивар.
Ново на Сител
-
Сиљановска Давкова: Ќе ни значи многу договор за соработка со Азербејџан, очекувањата се големи
-
Совет на ЈО: Со вчерашниот оглас на Судски совет не се почитуваат проекциите за 8-та генерации на Академијата за судии и јавни обвинители
-
Поставен камен-темелник на македонско-грчкиот граничен премин „Маркова нога“
-
Разбиени две криминални групи во Грција за измами со гориво на бензински пумпи
-
Вкупно 827 казни за сообраќајни прекршоци во текот на вчерашниот ден
-
Приведен маж од Дебрца, возел со 1,53 промили алкохол во крвта
-
Мицкоски не очекува криза, очекува заканите од ДУИ да продолжат со несмален интензитет
-
Велешанец најден мртов во неговиот двор со траги од крв во пределот на главата