Православните и католичките верници годинава го слават Велигден на ист ден
Оваа година и православните и католичките верници го слават Велигден на ист ден - 20 април. Ваквото поклопување не се случува често, бидејќи источната и западната црква користат различни календари (јулијански и грегоријански), но годинава датумите се совпаѓаат.
Двата најважни празници во христијанството се Божиќ и Велигден, денот на раѓањето и денот на воскресението на Исус Христос. Датумот на Божиќ е утврден - тоа е 25 декември, и во јулијанскиот и во грегоријанскиот календар.
Велигден, пак, секоја година паѓа на различен датум, што многумина збунува. Иако секогаш се слави во недела, правилата за одредување на датумот на овој празник не се едноставни - тие вклучуваат астрономија, математика и вековна црковна традиција.
Велигден мора да падне по пролетната рамноденица, во неделата по полната месечина, на 14-тиот ден од еврејскиот месец нисан. Но, постојат неколку причини кои дополнително го комплицираат сето ова. Како прво, астрономските набљудувања не се користат за одредување на денот на пролетната рамноденица и полната месечина, туку Велигденски таблици - јулијански и грегоријански. Затоа, може да се случи „црковната“ полна месечина да се разликува од реалната и до неколку дена, што директно влијае на датумот на празникот.
Втората, најважна причина за разликата во датумот на „православниот“ и „католичкиот“ Велигден е еврејскиот празник Пасха. За православните христијани, Велигден мора да биде по празникот Пасха - кој е клизен, според еврејскиот лунарен календар. Тоа има и длабоко теолошко значење, бидејќи Христовото воскресение се случило по Пасха. На овој начин се зачувува хронолошкиот и симболичкиот редослед на библиските настани. На оваа пресметка за славење на Велиден по Пасха се придржуваат и православните цркви кои го прифатија Грегоријанскиот календар за празнување на Божиќ.
Католичката црква не ја смета оваа врска задолжителна, па затоа Велигден понекогаш паѓа и пред Пасха.
По годинашното совпаѓање, догодина православната и римокатоличката црква, повторно различно ќе го слават Велигден. Православните верници Воскресението Христово во 2026 година ќе го одбележат на 12 април, а католичките една недела порано на 5 април.
Последното славење на Велигден на ист ден беше во 2017 година, а следното ќе биде на 16 април 2028.
Ново на Сител
-
Уапсени малолетници кои со автоматска пушка пукале во куќа во Тетово
-
Приведен 34-годишен дилер од Штип, при претрес на неговиот дом пронајдени се дрога и дигитални ваги
-
Здружението на инженери бара сметките за струја да се издаваат врз основа на реално измерените податоци
-
Над 15 000 средношколци утре ќе го полагаат првиот екстерен испит од државната матура
-
Швајцарска долина се подготвува за евакуација по уривањето на глечер
-
Трајковски пред дуелите со Белгија и Казахстан: Сите ќе мораме да го дадеме максимумот
-
ТФТ се избори за четврти натпревар во финалната серија против МЗТ Скопје Аеродром
-
Вработување на 400 пожарникари за превенција од шумските пожари во летниот период во рамки на Оперативниот план за 2025 година