Македонија
22. April 2021 - 18:29

Пратениците расправаа за измените за предлог-законите за служба во АРМ и за данокот на добивка

Во попладневниот дел на 39. собраниска седница, пратениците расправаа за Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за служба во Армијата на Република Македонија, во прво читање и Предлог на законот за изменување на Законот за данокот на добивка, во прво читање.

Со Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за служба во Армијата на Република Македонија се поедноставува влезот во АРМ со процес на стипендирање.

Радмила Шекеринска, министер за одбрана во образложение на Предлог-законот истакна дека во новите измени на Законот за служба се подобруваат деловите што се однесуваат и на влез и на развој во кариерата-унапредувањата, и на крајот на војничката каериера. Таа рече дека се подобруваат и условите за пензионирање и во исто време се решаваат некои одредени прашања за законот за кои што смета дека мораат да се дефинираат за да не се толкуваат кој како сака.

– Влезот во служба во Армијата сакаме да го направиме поедноставен, особено за специјалности кои стануваат критични не само кај нашата армија  туку и во сите армии во светот. Министерството за обрана треба да започне процес за стипендирање на одреден кадар којшто понатаму како резултат на таа стипендирачка можност ќе продолжи да работи во Армијата по дипломирањето. Во овој закон ги прецизираме правилата како Министерството за одбрана ќе може да стипендира таков кадар, под кои услови, на јавен оглас, транспарентна постапка и дефинираме дека стипендиите коишто ќе се издаваат ќе бидат во висина од 30 до 80 проценти на нето просечната месечна плата. Тоа значи дека бидејќи на Армијата и требаат кадри од типот ИТ експерти, машински, градежни и воздухолловни инженери. Ова е шанса како еден дел од студентите кои можеби и не размислуваат за воена кариера, бидејќи таа знае да биде потешка, да ги убедиме дека подобра е државата да им помогне во финансирањето на нивните студии, но однапред да се знае дека обврската ќе им биде да работат во армијата. Законот предвидува целосно јавна постапка, транспарентност, со можност луѓе да конкурираат со услови кои ќе важат за сите и сметам дека на ваков начин на подолг рок ќе можеме да ги прешиме проблемите со дефицитарен кадар коишто особено во областите како што се воздухопловстсво, сајбер-безбедност и слично, навистина ќе бидат многу голем предизвик во идниот период, рече таа.

Во поглед на унапредувањето, според Шекеринска, им се дава иста шанса на офицерите коишто ги имаа тие можности во единиците да имаат иста таква можност дури ако се ангажирани во генералштабот и во Министерството за одбрана, кое во претходната верзија било испуштено.

Шекеринска потенцираше дека Законот предвидува на крај кога ќе наполнат 45 години, самите војници да одлучуваат дали сакаат да останат во државната администрација или сакаат да добијат таканаречена отпремнина со којашто заминуваат од службата, којашто е предвидено да изнесува илјада евра на година стаж во Армијата. – Бидејќи овие војници имаат стаж помеѓу 20 до 25 години стаж, тоа значи дека не би заминале со празни раце, туку навистина би биле спремни или да заминат во приватна фирма или сами да отворат бизнис, со капитал помеѓу 20 до 25 илјади евра. И сметаме дека ова е фер начин државата да се заблгадорани на нивната служба, рече таа.

Заменик-министерот за финансии, Димитар Ковачевски за Предлог на законот за изменување на Законот за данокот на добивка истакна дека целта на предложените изменувања е пропишување на законски решенија во функција на поддршка на обврзниците во справувањето со последиците од коронавирусот, односно поттикнување на работодавачите да исплаќаат регрес за годишен одмор во повисок износ од минимално утврдениот, како и да вложуваат средства за зголемување на здравствена заштита на вработените, можност за пренесување на загубите без обврска истите да бидат претходно покриени согласно Законот за трговските друштва, како и пропишување рок во кој Управата за јавни приходи е должна да издаде согласност по однос на барање за признавање како расход на амортизацијата на преостаната сегашна вредност на средствата.

Предлог законот  предвидува изменување на одредбата која ги уредува непризнаените расходи за даночни цели, односно зголемување на висината на износот за регрес нагодишен одмор којшто ќе се третира како признат расход за даночни цели, зголемување на износот на трошок за платени лабараториски тестови за COVID-19 кој што ќе има третман на признат расход за даночни цели, пропишување на рок во кој Управата за јавни приходи е должна да издаде согласност по однос на барање за признавање како расход на амортизацијата на преостаната сегашна вредност на средствата, како и укинување на условот за претходно покривање на загубата согласно Законот за трговски друштва,за да обврзникот има право да ја пренесе загубата во идните даночни периоди.

Продолжение на 39-тата седница по точките од дневниот ред ќе биде дополнително закажано.