Loading Video...
Македонија
27. October 2015 - 20:35

Пожар во кумановската фабрика „1-ви Мај“

Утрово избувна пожар во поранешната кумановска фабрика за градежна  столарија „Први Мај“  кај градскиот пазар. Пожарот е изгаснат за околу еден час.

Предизвикана е материјална штета која допрва ќе се утврдува.

-Пожарот е целосно локализиран, целосно е под контрола, не постои можност за понатамошно ширење, меѓутоа екипите ќе останат на терен се до целосно ликвидирање на пожарот, изјави Деан Илиевски, командир на ТППЕ Куманово

Очевидци тврдат дека бил зафатен погонот за лакирање на столаријата , но среќа во несреќа е што  фабриката не работи неколку години и е празна.

Поранешен „Први мај “ е под стечај од 2007-та година,  а пред неколку месеци  фирмата ја купил кумановски приватен стопанственик , вели поранешен вработен.  Тој  е незадоволен од начинот на кој била извршена продажбата. Тврди дека 25- те работници кои останале до крај на работа имаат  3 неисплатени плати.  

- По електронски пат во мај- јуни беше продадена, а оттогаш стечајниот управник не се јавуваше не ни кажа под кои услови, како е продадена фирмата, изјави Венцо Јордановски, поранешен вработен

„Први Мај“ спаѓаше во фабриките кои се бренд на Куманово се до неговата приватизација во 2001-та  година.

Поранешните вработени помнат времиња кога во фабриката работеле и повеќе од  200 кумановци.