Повеќе од 40 000 странци „заглавени“ во Израел, евакуација чекаат и 22 македонски државјани
Околу 40 000 странци, повеќето туристи, моментално се „заглавени“ во Израел поради тековниот конфликт со Иран, соопшти израелското Министерство за туризам. По ескалацијата на судирите, авиокомпаниите ги откажаа летовите, принудувајќи ги патниците да одлучат дали да чекаат да заврши конфликтот или да бараат алтернативни патишта низ соседните земји.
Воздушниот простор на Израел е затворен за цивилен воздушен сообраќај, а израелската национална авиокомпанија „Ел Ал Ерлајнс“ соопшти дека ги откажува летовите до 23 јуни. Ограничувањато ќе важи сè додека безбедносната ситуација не се подобри.
Најлесниот излез е преку копнени премини во соседен Јордан, од каде што летовите сè уште тргнуваат од аеродромот во Аман.
Министерството за туризам на Израел отвори 24-часовна телефонска линија за помош за патници, достапна на англиски и хебрејски јазик.
Ограничени се и можностите за туристички посети, музеите се затворени, а пристапот до Стариот град на Ерусалим е забранет. Затворени се и повеќето од моловите и продавниците.
Евакуација од Израел и враќање во Македонија чекаат и 22 македонски државјани кои досега побарале помош од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија (МНРиНТ).
Од МНРиНТ вчера соопштија дека во тек се активности за нивна скорешна евакуација и трансфер до безбедна локација, од каде што дополнително ќе се организира нивно враќање во земјата.
Македонското дипломатско-конзуларното претставништво во Тел Авив е во постојана комуникација со нашите државјани, а Министерството за надворешни работи и надворешна трговија активно работи на обезбедување на сите неопходни услови за нивно безбедно враќање.
Поради влошената безбедносна состојба на Блискиот Исток, претходно, МНРиНТ апелира до сите државјани на Северна Македонија кои се наоѓаат на територијата на Израел и Иран, доколку им е потребна конзуларна помош, веднаш да стапат во контакт со надлежните институции преку дежурните (СОС) телефонски броеви.
Воедно, се апелира до сите државјани да се воздржат од патувања кон земјите од овој регион, сè до подобрување на безбедносната состојба.
За помош и асистенција, граѓаните можат да се обратат на следните контакти: Амбасада на Република Северна Македонија во Тел Авив - Тел: +972 54 500 8566 / +972 54 967 0546 Е-пошта: telaviv@mfa.gov.mk.
Министерство за надворешни работи и надворешна трговија Тел: +389 75 273 732 / +389 75 268 736, Е-пошта: globalsos@mfa.gov.mk.
Во рамки на Министерството е формиран кризен штаб кој континуирано ја следи состојбата и е достапен 24 часа дневно за сите потреби поврзани со помош, поддршка и асистенција.
Ново на Сител
-
Зеленски: Преговарам за мега договор со Трамп
-
Расчистено убиството во Батинци, се трага по едно лице
-
Поради пожар затворен за сообраќај автопатот од наплатна рампа Миладиновци до клучка Бунарџик, во двата правца
-
ЦУК: Неколку пожари во Куманово и Старо Нагоричане
-
ЦУК: Поради ветер кој го зафати подрчјето на Куманово и Скопје на повеќе локации од искрење на жици предизвикни се пожари
-
Поранешниот претседател на Албанија, Илир Мета, останува во затворски притвор
-
Регрут од украинската армија уби двајца свои инструктори
-
Уапсен еден од соучесниците за убиството во Батинци