Потресна исповед на зависник кој лекот го најде во Бигорскиот манастир
Пресврт во мојот живот се случи кога на татко ми му ја украдов кредитната картичка, со мисла дека ќе земам пари само еднаш за да купам дрога, а додека тој забележи, јас да ги вратам. Малку по малку, влегов во една безизлезна ситуација, раскажува 30-годишниот поранешен зависник.
Сето ова што ќе го прочитате можеби ќе ви звучи чудно, но чувствувам голема потреба да го напишам и да го споделам. Не го сметам за важно да го кажам моето име, туку мојот живот, раскажува поранешен наркозависник кој успеал да се излекува од порокот кој му го уништил животот. Спасот го нашол во Бигорскиот манастир.
Неговото сведоштво го објави порталот „Религија.мк“, каде што интегрално се пренесени неговите зборови, каде што раскажува за сите предизвици, трауми и искушенија со кои се соочил во текот на животот. Во продолжение пренесуваме дел од неговото потресно сведоштво.
Сведоштво на поранешен зависник
Имам 30 години и живеам во Скопје. Роден сум во прекрасно семејство, каде што се живееше во љубов и хармонија и, иако ја загубив мајка ми на 12 години, во животот ми беше давана огромна љубов од мојот татко, баба ми и од постарите брат и сестра. Сите тие луѓе беспрекорно се грижеа за мене. Секојпат ми даваа нови шанси, а јас ги повторував истите грешки. Направив многу повеќе грешки одошто сите мислат, а најтрагично е тоа што некои од нив не сум ги ни гледал како такви, сè додека не дојдов во Бигорски.
Во манастирот сум половина година и имав доволно време да размислам и да ги согледам сите пропусти во животот. Седејќи тука, заклучив дека најголем пропуст ми беше тоа што го исфрлив Бог од мојот живот. Можеби ќе ви изгледа како да сум се мрднал од умот, но сè што кажувам се вистинити настани од мојот живот.
Уште од дете копнеев да бидам посебен и поразличен, па се обидував тоа да го направам на најразлични начини. Од Запад, по сите медиуми се пласираше тој развратен живот, за кој дури сега сфаќам дека е погрешен; на еден начин како гревот да беше легализиран. Се рекламираа: секс, дрога, алкохол, цигари, бунтовност, некоја глупава филозофија: „Живеј брзо, умри млад“, а мене сето тоа бескрајно ме привлекуваше и ми се чинеше сосема „кул“.
Како што растев, така сè повеќе и повеќе се фасцинирав од тој начин на живот и го прифатив многу лесно, мислејќи дека тоа е вистинскиот начин да се ужива во животот. Времето минуваше, а некако работите почнаа и да не бидат толку сјајни како на почетокот. Сè повеќе ги снемуваше забавните моменти, а јас сè повеќе станував роб на страста кон дрогата. Започнав сè друго да ставам во втор план, дури и работите што најмногу ги сакав. Почнав да ја губам чувствителноста што ја имав како дете, станував егоистичен, рамнодушен, себичен, и мислев дека сите тие особини ми се доблест. На моменти ќе се замислев, ќе ми паднеше тешко и ќе се запрашав: „Што правиш, човече? Гледаш дека ја изгуби контролата над животот!“ Но, тоа беше кратко. Дрогата царуваше над мојот живот.
Многупати собирав сила да ја победам зависноста, некојпат заради себе, а многу пати заради најблиските, бидејќи очигледно беше нивното страдање. Делумно ќе ја победев, ќе застанев на нозе, ќе положев некој испит, ќе фатев девојка, ќе отпатував некаде, и повторно, полека, полека, без да забележам, ќе потонев подлабоко одошто претходно сум бил.
Од втората половина на 2015 и почетокот на 2016 година чувствував огромна внатрешна празнина и некое тапо чувство во градите, кое никако не исчезнуваше. Едноставно ништо повеќе не ме правеше среќен. Сето тоа делумно го придушував со дрога и алкохол и секојпат кога ќе ми се укажеше шанса – со девојки.
Пресврт во мојот живот се случи кога на татко ми му ја украдов кредитната картичка, со мисла дека ќе земам пари само еднаш за да купам дрога, а додека тој забележи – јас да ги вратам. Малку по малку, влегов во една безизлезна ситуација и, размислувајќи што да правам, се решив да ги избегнам сите тие расправии дома, доаѓајќи во единственото место каде што никој не би ме осудил и би ме примиле таков како што бев. Тоа место беше Бигорскиот манастир „Св. Јован Крстител“.
Без да знам нешто за ова место, дојдов во хаотична душевна состојба и без некоја голема надеж дека ќе се променам. Проблемот со пороците беше ништо во споредба со мојата лоша психичка состојба. Само што дојдов, видов дека нема ништо од сето она во кое јас уживав. Сепак, се појавуваше некоја мала надеж во мене, која потајно ми кажуваше дека ќе успеам. Можеби беше себично од моја страна, но решив сосема да заборавам на целиот тој хаос што го имав оставено зад себе и да почнам да работам на себеси.
На почеток имав одбивност кон христијанството. Покрај тоа што татко ми цел живот ме убедуваше во спротивното, јас сепак го гледав како нешто за прости и неедуцирани луѓе. Како што одминуваа првите денови, така почнав да го чувствувам мирот што владееше насекаде во манастирот, а и кај монасите почнав да забележувам некои работи. Имаа толку многу љубов и разбирање, што ги немав сретнато на ниедно место каде што сум бил…
Целото сведоштво може да се прочита на порталот „Религија.мк“.
Ново на Сител
-
Сакал да пренесе сопатник без документи преку граница - Уапсен маж на ГП Богородица
-
64 годишен скопјанец кој исчезна пред 10 дена пронајден мртов
-
Девизните резерви во октомври зголемени за 568,9 милиони евра
-
Кривична пријава против 66-годишник за демнење на началник во ОВР Неготино
-
Илиоски со златен медал на Европското кикбокс првенство во Атина
-
Кремљ: Путин е подготвен да разговара за Украина со Трамп, но не ги менува своите барања
-
Народна банка: Се очекува забавување на инфлацијата и во следните години
-
Гробница првпат отворена по 2500 години, презентирани вредните наоди откриени во охридско-струшкиот регион