Македонија
23. December 2022 - 14:29

Последен ден од расправата по Предлог-буџетот за 2023

– Пратениците денеска последен ден расправаат за Дополнетиот предлог-буџет за 2023 година.

И на последниот ден од расправата за овој стратешки документ, власта и опозицијата со меѓусебни обвинувања. Власта со аргументи дека со Предлог-буџетот ќе се ублажат последиците од глобалната енергетска и економска криза, непречено ќе се финансираат евроинтегративните процеси на државата и ќе се продолжи со фискалната консолидација. За опозицијата, Предлог-буџетот не е развоен и реален и е тешко остварлив. Владата, според опозицијата, за кратко време ќе подготви ребаланс на буџетот.

Од партијата „Беса“ најавија дека ќе гласаат „против“ затоа што според нив, Предлог-буџетот е едностран и со него нема да се обезбеди економска стабилност. Од „Беса“ сметаат дека власта нема идеја како да го подобри животниот стандард на граѓаните.

Расправата продолжува по редовната едночасовна пауза и се очекува тој да биде усвоен во текот на попладневната дебата.

Дополнетиот предлог-буџет за 2023 година беше доставен во Собранието откако Владата ги вгради прифатените амандмани кои произлегоа од расправата во собраниската Комисија за финансирање и буџет.

Во Предлог-буџетот за 2023 година, растот е проектиран на 2,9 отсто, а инфлацијата на 7,1 отсто. Вкупните приходи се на ниво од 282 милијарди денари и се повисоки за 14,8 проценти во однос на 2022 година, а расходите на ниво од 324,8 милијарди денари или се за 12,6 проценти повисоки во однос на 2022 година. Буџетскиот дефицит е проектиран на ниво од 4,6 проценти од планираниот БДП. За капитални расходи се планирани 48,9 милијарди денари или за околу 52,3 отсто повеќе во однос на планот за 2022 година.