Свет
8. November 2023 - 11:22

Португалскиот премиер понуди оставка

Португалскиот премиер Антонио Коста му понуди оставка на претседателот на земјата поради истрагата за наводните неправилности во работењето на владата со договорите за проекти за ископување литиум и т.н. чист водород, објави денеска португалската телевизија СИЦ.

Кабинетот на премиерот соопшти дека тој треба да ѝ се обрати на нацијата подоцна денеска, објави Ројтерс.

Неколку згради на португалската влада беа претресени денеска во рамки на истрагата за наводни незаконитости при трансакции поврзани со литиум и со т.н. чист водород, соопштија официјални лица, додека локалните медиуми објавија дека се приведени две лица блиски до премиерот.

Весникот „Паблико“ објави дека се приведени најмалку пет лица, меѓу кои и шефот на кабинетот на премиерот Антонио Коста, Витор Ескари и деловниот консултант Диого Лакерд Мачад, кој е пријател на премиерот. Меѓу приведените е и градоначалникот на градот Синес, како и двајца претприемачи, пишува „Паблико“ посочувајќи дека има инвестициски планови за изградба на водородни постројки во Синес.

Од кабинетот на премиерот потврдија дека биле претресени просториите на владата, но одбиле да коментираат повеќе, пренесе Ројтерс.

Според локалните медиуми, истражителите денеска извршиле претрес на неколку владини згради, меѓу кои и официјалната резиденција на премиерот, Министерството за животна средина и Министерството за инфраструктура.

Португалската полиција за британската агенција изјавила дека нејзините полицајци им помагаат на истражителите за време на претресот.

Државните обвинители во јануари објавија дека е во тек истрага за деловните проекти за литиум и водород, но тогаш не ги наведоа имињата на осомничените.

Со 60 000 тони откриени резерви, Португалија веќе е најголемиот европски производител на литиум.