Македонија
25. August 2020 - 17:46

Поројниот дожд проследен со силен ветер предизвика штети во делчевско-беровскиот регион

Поројниот дожд што денеска попладне го зафати Делчево повторно предизвика проблеми на улица „Булевар Македонија”. Чистејќи ја надојдената вода, жителите од оваа улица повторија дека ова се случува по секој пороен дожд.

-За жал нема што да правиме, освен сами да се снаоѓаме како знаеме и умееме. Водата ја поплави цела улица, по што моравме да реагираме за да можеме да влеземе во своите домови, велат жителите.

Тие се запознаени дека во тек е проект за решавање на проблемот со поплавите, но, како што велат работите одат бавно.

-Над оваа улица имаше активности за поставување атмосферска канализација за спречување на поплавите, но дали поради изборите, дали заради пандемијата, работите запреа, додаваат жителите од овој дел на градот.

Од општината во неколку наврати повторија дека нема зошто жителите да бидат загрижени, бидејки со проектот кој предвидува изградба на атмосферска канализација во должина од околу 1900 метри и опфаќа изградба на повеќе краци, ќе се спречи поплавувањето во овој дел од градот.

Поројниот дожд проследен со силен ветар денеска попладне предизвика штета и на територијата на Општина Берово. Од силниот ветар како што јавуваат жители, без кров остана куќа, а притоа ветрот успеа да турне и неколку стари дрвја.