Свет
24. April 2017 - 15:02

Пораст на криминалот со политичка позадина во Германија

Насилството извршено од страна на крајни десничари со политички мотиви насочени против странци и други идеологии пораснало за повеќе од 14 проценти во текот на 2016 година, објави денеска германското Министерство за внатрешни работи. 

Порастот на крајно десничарски мотивиран криминал се случува откако и во 2015 година имаше значително зголемување на овој вид криминал, а аналитичарите на германскта полиција забележале дека зголемување има и во криминалот поврзан со говорот на омразата, јави дописникот на МИА од Берлин.
 
Во 2016 година забележани се 1.698 физички напади, закани, подметенувања пожар и други видови насилства од страна на германските неонацисти и други радикални десничарски активисти. Кај говорот на омраза, кој е во пораст за 3, 6 проценти или за околу 370 случаи повеќе од лани, најчести се навреди на расистичка, антиеврејска и општа религиозна основа, при што најголем број од делата се сторени на интернет. 
 
Според германското федерално Министерство за внатрешни работи за две третини е зголемен и криминалот сторен од странци пред се поради конфликтот меѓу турската заедница и забранетатата Курдска работничка партија (ПКК).