Поранешен директор на ЦИА предупредува дека војната со Иран може да трае со месеци

Поранешниот директор на ЦИА и ексминистер за одбрана на САД, Леон Панета, оцени дека Иран со контролата врз Ормуската Теснина ѝ држи „пиштол на чело“ на Америка и предупреди дека војната би можела да трае уште неколку месеци.
Панета, кој беше директор на ЦИА од 2009 до 2011 година и министер за одбрана од 2011 до 2013 година во администрацијата на Барак Обама, изнесе песимистична проценка за шансите на актуелниот претседател Доналд Трамп да ја заврши војната со Иран на задоволителен начин.
– Според мојата проценка, оваа војна, која требаше да заврши за шест до осум недели, многу веројатно ќе трае уште неколку месеци – изјави Панета. Тој оцени дека САД не успеале да најдат решение ниту за траен прекин на огнот, ниту за клучните прашања што би овозможиле завршување на конфликтот.
Панета смета дека натамошното бомбардирање нема да донесе суштинска промена. Тој изрази сомнеж дека дополнителна воена акција може да предизвика реална промена на режимот, бидејќи разузнавачките податоци покажуваат дека Техеран може и натаму да ги поднесува таквите удари. Според него, единственото оправдување за испраќање копнени сили би било да се обезбеди Иран никогаш да не ја контролира Ормуската Теснина.
Тој потсети дека додека бил секретар за одбрана било проценето дека за контрола на тоа подрачје би биле потребни околу 200.000 војници, што не би поминало без жртви – за што нема поддршка во Конгресот и кај американската јавност.
Панета оцени дека повторното отворање на Ормуската Теснина треба да биде приоритет, додека нуклеарното прашање може да се реши само преку долготрајни преговори меѓу експерти. Тој изрази сомнеж во преговарачкиот тим на Трамп, вклучувајќи ги и специјалниот пратеник Стив Виткоф и Џаред Кушнер.
Панета предупреди дека постои опасност САД и Израел повторно да се најдат во војна со Иран во периодот 2030-2031 година и додаде дека конфликтот негативно влијае врз трансатлантските односи бидејќи европските лидери одбиле да ја поддржат американската воена акција.
МИА
Ново на Сител
-

Прекин на сообраќајот на патот Прилеп–Градско кај Ореовец поради превртено товарно возило
-

„Мерцедес“ ги крати трошоците поради неконкурентност, „Фолксваген“ пред затворање фабрики и укинување 100.000 работни места
-

Два активни пожари на отворен простор во Василево и Прилеп, пет изгаснати
-

Трамп: Иранските напади со дронови врз бродови во Ормуз е кршење на прекинот на огнот
-

Притворен македонскиот државјанин за убиството на 45-годишната жена на Крит
-

Еден час пауза во Собранието - заврши општиот претрес на измените на Законот за основно образование
-

Градоначалничката на Кисела Вода го пречека победникот на „Ѕвездите на Гранд 2026“ Бојан Илиевски
-

Љутков: Што и да се случи, секогаш стојам зад културата
