Поради свлечиште отсечени три кривопаланечки села
Големо свлечиште на локалниот патен правец од Крива Паланка до селата Дурачка Река и Станци предизвика прекин на сообраќајот со три кривопаланечки села.
Увид на лице место изврши градоначалникот на Крива Паланка Арсенчо Алексовски, екипи од стручните служби од општината и претставници од Дирекцијата за заштита и спасување.
Се бара итно решавање на проблемот и овозможување пристап на жителите од овој реон.
- Ние сме во процедура на решавање на помало свлечиште на овој патен правец, а ова што се случи, огромниот одрон е алармантно. Во текот на вчерашниот ден имаше помало свлекување кое се обидовме со градежна механизација да го расчистиме, но се утврди дека е ризично и може да биде опасно по животот на работниците доколку настане поголемо свлечиште. За среќа екипите се повлекоа, а одронот настанал доцна во ноќта и рано изутрина. Интервениравме до Министерството за транспорт и врски, присутни се екипи од ДЗС, а во текот на утрешниот ден се очекува да вршат проценка и увид експерти од Градежниот факултет од Скопје, изјави градоначалникот на Крива Паланка Арсенчо Алексовски.
Драган Јовановски од Дирекцијата за заштита и спасување од Скопје од секторот за планирање, организирање и спроведување мерки за заштита и спасување по увидот рече дека првичните претпоставки се дека одронот е поради големата количина вода која од врнежите дотекувала на постојниот пат за село Дренак.
- Нема можност да се интервенира на теренот, зафатен е голем простор, свлечиштето е огромно, а мора да се направат студиозни испитувања и да се вршат геолошки испитување на составот на теренот. Првична претпоставка е дека водата од врнежите која дотекувала на патот до село Дренак кој се наоѓа над свлечиштето ја влажнела тврдата карпеста маса при што во критичниот момент дошло до свлекување на огромна количина карпеста маса, камења и земја, рече Јовановски.
Додаде дека првична реакција би било оспособување на каков било премин за сообраќајна комуникација во итни случаи и пристап на населението.
Дел од патот буквално не постои, затрупан е со огромна количина маса од свлечиштето, а надлежните бараат алтернативно решение со кое ќе се овозможи каква било комуникација на жителите на селата Дренак, Станци и Дурачка река со градот.
- Постои ризик да се урне речиси целата планина и да се свлече и патот кон месноста викана Метов и село Дренак. Ќе се изнајде т.н. „бај-пас“ решение со пристап до градот, потенцира Алексовски.
Во овој момент околу 300 жители од трите села Станци, Дренак и Дурачка река се отсечени од градот, а на овој потег се наоѓа и изворот на Станечка река каде е лоциран и едниот доводоен цевковод на водоснабдителниот систем во градот.
Ново на Сител
-
Загина 59-годишен маж од Прилеп: Со возилото излетал од патот
-
Поранешниот Вардарец Абутовиќ ја заврши репрезентативната кариера
-
Кавадарчанка пријавила дека сограѓанин им го попречил патот со ,,југо" и им се заканувал со остар предмет
-
Ахмети - РОКАС: Само предвремени избори се излез од неизвесната политичка состојба
-
Песков не ја исклучи можноста Путин да разговара со Трамп пред неговата инаугурација
-
Македонскиот јазик во наставната програма на постдипломските студии на Факултетот за странски јазици во Тирана
-
Изгаснат пожарот во депото на „Македонски железници-Транспорт“, скопските пожарникари интервенирале и на друг поголем пожар
-
Спасен давеник кој паднал од чамец во Дојранско езеро