Македонија
25. September 2020 - 19:43

Полициска бруталност - претепано момче во Битола

Видеото од Битола предизвика бурни реакции за полициска бруталност. Невзат Јашаровски сведочи за она што му се случувало таа вечер. Откако направиле сообраќајка, односно удриле во бандера со автомобилот во кој имало пет лица, Јашаровски вели дека полицајците наместо да им помогнат, почнале да ги тепаат.

-Излеговме од колата и почнаа на нас да маваат. Прво син ми, му викав зошто го мавате, почна и на мене и на другарите, бевме 5 души. Од што - од ништо. Наместо да ни помогнат, под стрес бевме, почнаа да ме шуткаат, вели Нeвзат Јашаровски.

Од невладините организации велат дека лицата кои учествувале во сообраќајката ја признаваат и ќе ја сносат вината за направениот прекршок, но велат дека немало потреба од насилство од страна на полицијата.

-Полицајците во дадениот момент не помогнаа, да, луѓево биле пијани, сето тоа држи вода, но после сообраќајката требаше да им пружаат помош, а не да ги тепаат на крвнички и кукавички начин, вели Самедин Канановски, Нево Дром.

Апелираат да престане говорот на омраза.

-Сите сме рамноправни граѓани на оваа држава, ова да не се повтори. Уште еден апел до сите да останеме мирни и трезвени, вели тој.

За утре во Битола е најавен протест од невладините организации против полициската бруталност.