Македонија
16. August 2018 - 16:27

Полицајците бараат нови униформи наместо ветувања

10 години МВР нема набавено нова опрема за униформираните службеници обвинуваат од Независниот синдикат на полицијата. Велат дека изминатиот период министерството распишало неколку тендери, но сите биле поништени, со што кај нив се појавил сомнеж дека некој има за цел да не се набави нова полициска униформа. Бараат од министерството веднаш да обезбеди нова униформа, бидејќи полициските службеници летото го поминале со по едно парче облека, а пред нив е зимата.

Од независниот синдикат сметаат дека воведувањето на 7 часовното работно време за униформираниот дел од полицијата е комплетно спротивно на Законот за работни односи и колективниот договор. На овој начин полицајците тврдат дека се ангажирани на работа секој ден, со што целосно се скратувало правото на неделен одмор.    

Од НСП велат дека не бараат ништо повеќе од МВР, освен да започне да го почитува Законот за работни односи, колективниот договор и подзаконските акти.