Балкан
26. September 2024 - 12:44

Поднесена кривична пријава за градоначалник за злоупотреба на службена положба и овластување

Србија испрати протестно писмо до генералниот секретар на Обединетите нации и до претседателот на Генералното собрание на ОН, како одговор на говорот на претседавачот со Претседателството на Босна и Херцеговина, Денис Беќировиќ, пред оваа организација, во кој тој, како што се наведува, упатил низа неосновани и злонамерни обвинувања против Србија и српскиот народ, јави дописникот на МИА од Белград.

Во писмото се предупредува на обидот на Беќировиќ преку злоупотреба на истрошениот наратив за „Голема Србија“ да ги оживее конфликтите од 1990-тите во регионот.

Исто така, се нагласува дека политичкиот врв на Србија континуирано и во секоја прилика изразува поддршка за територијалниот интегритет на БиХ, што ги прави уште помалициозни обвинувањата на Беќировиќ дека Србија е закана за некого.

Како што се истакнува во писмото, Србија не е закана за мирот, туку е ориентирана кон иднината, што предизвикува непријатност кај оние кои би го вратиле регионот во мрачното минато.

Ставот на Србија, како што се наведува во писмото, е дека мора да се направи напор да се создаде политичка клима за помирување, соработка и траен мир во регионот на Западен Балкан, наместо да се подгреваат старите стравови.

-За иронијата да биде уште поголема, бошњачките политичари во Босна и Херцеговина ја обвинуваат Србија за закани, иако тие самите систематски го уништуваат Дејтонскиот договор, одземајќи во последните години околу сто надлежности гарантирани со тој договор на Република Српска, се наведува во писмото.

Во него се потсетува и дека Беќировиќ пред ГС на ОН зборувал без платформа одобрена од Претседателството на БиХ, со што ги прекршил законите на сопствената земја.

Во заклучокот од писмото се наведува дека Србија останува цврсто посветена на мирот, добрососедските односи и регионалната соработка и дека тоа ќе биде одговорот на Србија на оние кои сакаат да предизвикаат тензии и несогласувања на Балканот.

Беќировиќ пред ГС на ОН изјави дека раководството на Србија го загрозува суверенитетот и територијалниот интегритет на Босна и Херцеговина, како и дека „големодржавните аспирации на Србија кон териториите на другите земји во регионот се суштинските причини зошто БИХ и Западен Балкан се изложени на нови опасности“.

Шефот на српската дипломатија Марко Ѓуриќ, реагирајќи на говорот на Беќировиќ на ГС на ОН, истакна дека Беќировиќ со своите постапки „покажал дека злонамерно се обидува да го поткопа Дејтонскиот поредок во БИХ, дека Србија, која со години и повеќе од две и пол децении постојано и силно го поддржува територијалниот интегритет БиХ, се разбира, и интегритетот на Република Српска и на Федерацијата во рамките на БиХ, се обвинува пред меѓународната јавност, со што покажува дека не се грижи за регионалната соработка и за добрососедските односи“.

-Навистина не очекувавме ништо попаметно од Денис Беќировиќ, од тоа дека ќе ја оцрни својата земја пред светот со обидот лажно и злонамерно да ја обвини соседна и пријателска Србија, изјави министерот за надворешни работи на Србија.