Македонија
17. January 2021 - 8:46

Подготвен планот за вакцинација, првите вакцини од „Фајзер“ и преку КОВАКС следниот месец

Следниот месец, според здравствените власти, се очекува да пристигнат првите дози вакцини во државава од „Фајзер“ и „КОВАКС“ механизмот, а здравствениот систем, како што велат, е подготвен за вакцинација.

Министерот за здравство Венко Филипче вчера на седница на Владата ги претстави најновите информации за набавката на мРНА вакцини против КОВИД-19 од производителот Фајзер, за продолжувањето на интензивните контакти за набавка и испорака на оваа вакцина, вклучувајќи ги аспектите на постапката за набавка која треба да се спроведе, како и за регистрација на вакцината во државава.

Според Филипче, здравствениот систем е целосно  подготвен за вакцинација, а во февруари се очекува да пристигнат првите дози од „Фајзер“ и „КОВАКС“ механизмот.  Веќе се пристигнати два фрижидера кои беа најавувани како донација за фајзеровата вакцина која се чува на -70 степени, а уште три се очекуваат во текот на следните недели. Во еден фрижидер може да се складираат 100 илјади дози вакцини.

 

Филипче најави дека за кратко време ќе биде склучен договорот со Фајзер од каде се очекуваат  5.850 дози во февруари, а по 17.500 во март и во април.  Во февруари, тврди министерот, ќе пристигнат и вакцините преку КОВАКС механизмот, за коишто е направена уплата и е обезбеди соодветна гаранција. Вкупната количина на вакцина преку овој механизам за нашата држава изнесува 833.000 дози.

-Целосно е спремен системот во однос на складирањето, планот на дистрибуција, идентификувањето на критичните групи според приоритет. Направен е планот, тоа се три групи. Во првата се здравствените работници кои работат со ковид пациенти, вработените во лабораториите кадешто се прави дијагностика, штитениците на домовите за лица со посебни потреби и најстарите лица од возрасните групи над 70 години коишто имаат коморбидитети. Во втората група се останатите здравствените работници, вработени во критична инфраструктура – наставниците, вработените во градинките, новинарите и секако пациентите од другите возрасни групи коишто имаат хронични болести. Целосно се спремни и здравствените домови и центрите за јавно здравје ширум државата за да ги преземат и аплицираат вакцините по овој редослед, информираше Филипче во телевизоско гостување.

Во статистиката на Министерството за здравство  вчера беа регистрирани уште 361 заразен со Ковид-19, 14 починати, како и 2 116  оздравени пациенти. Активни се 14 461 случај, и понатаму  најмногу во Скопје, каде има 8 653, по што следи Тетово со 576, Куманово, Гостивар, Охрид, Струмица и Кавадарци со по околу 400.  Во ковид центрите  вчера е пријавено дека се лекуваат вкупно 670 позитивни и суспектни пациенти на коронвирусот, за 30 помалку од претходното деноноќие и има околу 600 празни болнички кревети во инфективните оддели.

Во државава досега се детектирани 7- 8 соја на вирусот. Направено е генетско секвенционирање во лабораторијата во МАНУ. Од последните летни месеци па навака преовладуваат два соја. Сега се прави генетско секвенционирање и на вирусот од последните две недели за да се види дали има некаква мутација којашто е можеби слична на онаа којашто ја има во Велика Британија.

Состојбата со ковид пандемијата и вчера беше тема на обвинувања помеѓу опозициската ВМРО-ДПМНЕ и владејачката СДСМ. ВМРО-ДПМНЕ упати критики до власта за справувањето со пандемијата, истакнувајќи дека само во државава се уште нема вакцини, во ситуација кога цел регион се вакцинира.

-Два месеци трае лагата за обезбедени вакцини против Ковид-19! Цел регион се вакцинира, и држави членки на ЕУ и тие што уште не се. Албанија веќе цела недела се вакцинира, ги добиле вакцините од држава членка на ЕУ во регионот, која што граничела со држави коишто не се членки. Може да се претпостави дека тоа се или од Романија, Бугарија, или од Грција. само во Македонија се уште на големо се лаже за вакцинацијата, изјави портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски.

Од СДСМ порачаа граѓаните да бидат спокојни и да не подлегнуваат, како што соопштија, на лажните тези на ВМРО-ДПМНЕ. Владата предводена од СДСМ, преку три механизми, ќе обезбеди вакцини против корона вирусот за вакцинирање на 60 проценти од населението. ВМРО-ДПМНЕ, како и досега ќе обезбеди само шарени лаги и деструкции, истакнаа од СДСМ.

Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 88 749,  на оздравени пациенти е 71 592, а на починати 2 696.