Македонија
17. February 2019 - 12:02

Поддршка за идните евроатлантски политики на средбата на Заев со Бајден во Минхен

Поранешниот потпретседател на САД Џо Бајден на денешната средба со премиерот Зоран Заев на безбедносната конференција во Минхен упати силни честитки за статусот поканета земја во НАТО и изрази цврста подготвеност да ја поддржи ратификацијата на Протоколот во американскиот Конгрес и да ги охрабри парламентарните претставници на другите земји членки на НАТО да го направат тоа колку што е можно побргу.

-Бајден нагласи дека успехот на Република Северна Македонија е успех и на политиките на САД и на Европската Унија, и дека се радува на денот кога ќе биде заокружена ратификацијата на Протоколот и кога Северна Македонија ќе стане еднаков по важност партнер со другите сојузници во НАТО, соопшти владината прес-служба за средбата на Заев и Бајден, на која премиерот и членовите на владината делегација – министрите  Радмила Шекеринска и Никола Димитров, се  заблагодарија за поддршката што низ целиот процес на успешното решавање на спорот со Република Грција доаѓаше од САД и нивните највисоки претставници.

Заев  му се заблагодари на Бајден за неговите заложби за успешно решавање на спорот со Грција и за поддршката на Договорот од Преспа кој го откочи процесот за нашето членство во НАТО, и им даде сигурност на политиките на земјата за аспирациите за поскорешно членство во ЕУ.

-Двајцата соговорници на средбата ги потврдија и афирмираа и идните перспективи за соработка меѓу САД и Република Северна Македонија во повеќе области со посебен нагласок на прашањата од заедничките безбедносни политики, информира владината прес-служба.

Претседателот на Владата денеска оствари средба и со адмиралот Џејмс Ставридис и амбасадорот Ричард Бурт од консултантската организација „Мек Ларти Асошиејт“, кои со честитките за успешните евроатлантски политики на нашата земја, како што стои во соопштението, ја понудија и својата поддршка и искуство во идните меѓународни активности на Владата на Република Северна Македонија.