Почнува пријавувањето за субвенциониран студентски оброк, еве ги условите
Од денеска до 5 септември ќе трае пријавувањето за субвенциониран студентски оброк за академската 2024/2025 година. Министерството за образование и наука вчера го објави Јавниот повик на кој ќе може да се пријават тековните студенти и студентите кои ќе се стекнат со статус на студенти на додипломски студии на државните и приватните универзитети во претстојната учебна година.
Пријавувањето е електронски на https://e-uslugi.mon.gov.mk/ каде што кандидатите треба да ги прикачат пополнети и потпишани обрасците: Пријава за стекнување со право на субвенциониран студентски оброк и Изјава за точност на внесените податоци во пријавата за стекнување со право на субвенциониран студентски оброк, кои се достапни за преземање во објавениот повик.
Секој кандидат може да ја провери поднесената пријава во електронската апликација во менито „Мои апликации“, а за да им помогне на студентите, МОН во Јавниот повик постави и видео за начинот на аплицирање.
Студентите што ќе аплицираат треба да се државјани на Република Северна Македонија, редовни студенти на додипломски студии на државните и приватните универзитети, да не се во редовен работен однос, да не се регистрирани како индивидуални земјоделци и да немаат месечен приход по кој било основ поголем од минималната нето-плата во Републиката за тековната година.
Субвенциониран студентски оброк е финансиска поддршка во дневен износ од 140 денари што студентот ја добива од МОН за купување храна. Корисниците имаат право услугата да ја користат од понеделник до сабота. Доколку во тие денови не го искористат, износот од субвенционираниот студентски оброк им е достапен на користење на сметката до крајот на тековната седмица, заклучно со сабота.
Ова право корисникот не може да го остварува од 1 јули до 1 октомври, како и за време на државни празници и во неработни денови.
МОН во објавениот повик информира и дека од 1 до 5-ти секој месец од академската 2024/2025 година ќе тече рокот за пријавување на студентите кои не го оствариле правото на субвенциониран студентски оброк по Јавниот повик или доколку им престанало поради неисполнување на некој од критериумите, тогаш кога повторно ќе ги исполнуваат критериумите.
И оваа година исплатите за субвенциониран студентски оброк ќе се реализираат преку наменска платежна картичка на Шпаркасе банка АД Скопје со која МОН минатата година склучи договор.
За сите прашања поврзани со пријавувањето на корисниците за субвенциониран студентски оброк, МОН обезбеди поддршка преку Секторот за ученички и студентски стандард, на контактот: subvencioniran.obrok@mon.gov.mk или во наменската канцеларија на приземјето во зградата на Министерството.
Ново на Сител
-
Државна лотарија со караван ја носи новогодишната магија во Скопје
-
Уапсени 7 лица членови на групите Дуќанџик и Арачиново, пронајдени пари, оружје...
-
Продолжува судењето за убиството на Вања и Панче
-
Полицијата влезе во домот на Артан Груби
-
ДУИ: „Второто полувреме“ може да заврши со тежок автогол, приберете ги вашите министри и претставници
-
ЕУ засега не ја санкционира Грузија поради репресии
-
Има голема подготвеност за договор за прекин на огнот во Појасот Газа и кај Нетанјаху и кај Хамас, според посредници во преговорите
-
Лонгони најуспешни на екипното првенство во билијард