Почнува Богородичниот пост

За православните христијански верници денеска почнува двонеделниот Богородичен пост, кој е посветен на Успението на Пресвета Богородица. Овој пост е востановен во молитвено сеќавање на Пресвета Богородица, а со цел во периодот на неговото времетраење уште поинтензивно да се изискува молитвеното застапништво од Пресветата Богомајка.
По својата временска должина тоа е најкраткиот од четирите годишни пости и трае 15 дена, односно секоја година започнува на денот на прославувањето на светите седум макавејци (1/14 август), а завршува на благденот Успение на Пресвета Богородица (15/28 август).
Сигурни сведоштва за оформувањето на Богородичниот пост најнапред наоѓаме во списите на Теодор Студит (IX век), а тој е конечно утврден од Светата Црква на Цариградскиот собор во 1166 година, иако верните уште многу векови порано пребивале во пост исчекувајќи го денот посветен на Успението на Богородица.
Богородичниот, односно Успенскиот пост настапува еден месец по празнувањето на Соборот на светите апостоли Петар и Павле, а пред големите празници на Преображението Господово на гората Тавор и Успението на Божјата Мајка (познат во нашиот народ и како Голема Богородица). За разлика од Великиот и Петровденскиот пост, овој пост не започнува секогаш од понеделник, односно неговиот почеток може да се случи во кој било ден од седмицата.
Овие пости не се толку строги како Великиот, но се построги од Петровденскиот и Божикниот пост. Црковниот типик пропишува од понеделник до петок храна без масло, а во саботите и неделите се дозволува вино и масло. До празникот Преображение Господово, кога во храмовите се осветува грозјето, Црквата нe задолжува да се воздржуваме од тој плод.
На празникот Преображение Господово, според црковниот типик на трпезата се дозволува риба.
И покрај постоењето на ориентирни правила во однос на позволените и забранети продукти за исхрана, никогаш не смее да се заборави дека сржта на православната антропологија е во тоа дека од човекот не треба да се стори проста маса, туку секој е и треба да остане конкретна личност.
Оттаму, „строгоста“ на личното применување на физичката страна на постот зависи од личносниот совет од духовниот отец кон своето духовно чедо. Константата, пак, која треба да се следи во секој повеќедневен пост, а која никако не се „разблажнува“ е духовната страна на постењето.
Духовниот пост секогаш подразбира одрекување од сите облици на грешни и зли мисли, желби и дела, додека телесниот пост е само неопходно помошно средство за успешна духовна борба против страстите.
Во овие две недели, Црквата нè повикува на: воздржување од мрсна храна, покајание и молитва, исповед и причест, љубов, смирение и простување.
Денот на празнувањето на Успението на Пресвета Богородица, 28 август, е неработен за граѓаните од православна вероисповед во земјава.
МИА
Ново на Сител
-

Кушнер: Израел мора да се ослободи од воениот менталитет
-

Јаневска: Новите закони за високо образование и наука се приоритет и дел од реформската агенда
-

Осум лица завршија во болница откако 55-годишник предизвикал пожар во стан во Охрид
-

Случаен минувач го пронашол застреланиот маж кај Смилковско Езеро, приведено осомничено лице
-

Маѓар: Унгарија нема да прифати буџет на ЕУ, за кој би требало поголеми придонеси
-

Мицкоски: Буџетот ќе ни биде предизвик наредните две години, но сигурен сум дека ќе го надминеме
-

Николоски: Со „Дојче Телеком“ разговаравме за нови инвестиции и дата-центар во Македонија
-

Возрасни лица имале полови односи со малолетник кој се оддалечил од Установа за згрижување деца
