Почнува 42. Галичка свадба
Во Галичник денеска и утре традиционално ќе се одржи 42. издание на Галичката свадба, која е основен белег на Галичкото културно лето.
Со одлука на Советот на месната заедница Галичник, кој е организатор на манифестацијата, годинашни младенци се Билјана Геговска, која потекнува од старо галичко семејство и Филип Белчев.
Организаторите и годинава очекуваат голем број посетители од земјава и од странство да ја проследат манифестацијата, која нуди впечатливо доживување поради автентичните носии на учесниците во свадбарските обичаи и амфитеатралниот амбиент на Галичник.
Галичката свадба обединува над 30 свадбени обичаи карактеристични за мијачкиот крај од кои повеќето и денес се изведуваат за време на свадбени веселби.
Согласно традицијата, свадбата ќе започне вечер во 19 часот со китење, редење на бајракот и фрлање пушка во вила „Доста“. Ќе следи пречек на топаните, а ќе бидат изведени и „Свекрвино оро“ и „Тешкото оро“ како симбол на пркосот и непокорот. Саботните свадбарски свечености ќе завршат со Одење на вода на три чешми.
Канењето на мртвите е ритуал со кој започнува вториот ден од свеченостите, кога зетот заедно со група од најблиските роднини го посетува гробот на починатите. Следи канењето на кумот, упатување на свадбарската поворка по невестата, нејзино испраќање до домот на младоженецот. Венчавањето на младенците ќе се одржи во црквата „Св. Петар и Павле“, а свдбените церемонии ќе завршат со носење на невестата на вода и заигрување и испраќање на топаните.
Во рамки на овогодишното „Галичко лето“ ќе се одржат книжевна и ликовна колонија. Книжевната колонија „Галичник“, која традиционално се одржува во првата половина на август, поради смртта на истакнатиот поет Тодор Чаловски, по потекло од Галичник, годинава е поместена за средината на септември. Галичката ликовна колонија, пак, годинава ќе угости повеќе домашни и странски уметници, а ќе се одржи од 15 до 23 август.
По повод верскиот празник Преображение ќе биде организирана свеченост, а црквата „Св. Петка“ ќе биде цела ноќ отворена за посетители.
Ново на Сител
-
30 години Сител Телевизија - Ваш прв избор
-
Масовни протести во Грузија: Стотици уапсени, полицијата обвинува за насилство
-
Одговорност за наставничка што ја организирала приредбата во ОУ „7 Март“ во Челопек
-
Приведена кавадарчанка за обид со туѓа лична карта да подигне пари
-
Уапсени се 18 лица поврзани со инцидентите за Денот на албанското знаме, четворица се во притвор, информира Тошковски
-
Се бара „неработник“ на годината
-
Кавадарчанка пријавила вознемирување со објави против неа, закана и обид за физички напад
-
Предлог-буџетот за 2025 на собраниската седница закажана за 10 декември