Балкан
6. October 2016 - 13:33

Почна со работа новата гранична служба на ЕУ

Ова е важен момент за Европа и секој од нас по извесно време ќе биде горд оти бил тука, изјави денеска бугарската вицепремиерка и министер за внатрешни работи Румјана Бачварова на официјалната церемонија со која беше означен почетокот на функционирање на новата Европска служба за погранична и крајбрежна заштита.

- Тоа ќе значи поефективна, посолидарна и партнерска соработка во заштитата на границите, во име на сите европски граѓани, додаде Бачварова на церемонијата на граничниот премин „Капитан Андреево" на границата меѓу Бугарија и Турција, на која присуствуваа и бугарскиот премиер Бојко Борисов и европскиот комесар за миграција и внатрешни работи Димитрис Аврамопулос.

Аврамопулос во обраќањето нагласи дека е среќен што денеска присуствува на церемонијата. - Оваа Агенција е симбол на ЕУ, рече Аврамопулос.

Европската служба за погранична и крајбрежна заштита е формирана со одлука на Европскиот совет на 14 септември годинава, а нејзиното седиште е во Варшава. Службата располага со над 1.500 погранични службеници за брзи интервенции во конфликтни точки долж европските граници.

Новата гранична служба ќе ја замени досегашната Агенција за контрола на надворешните граници - Фронтекс и ќе биде опремена со пловни објекти, летатела и автомобили.

Нејзина задача ќе биде и да пружа помош при враќање на мигранти кои незаконски влегле во ЕУ и на странци кои без дозвола престојуваат во Унијата, како и да прибира разузнавачки информации за поголема безбедност на државите членки на Европската унија.

На почеток припадниците на новата служба ќе бидат распоредени на бугарската граница кон Турција, преку која минуваат главните канали за илегален влез на мигранти во ЕУ.