Македонија
17. September 2016 - 9:45

Почна „Штипска пастрамајлијада“

Со дегустрирање на Џиновската пастрамајлија, тешка 25 килограми, а долга два метра и 30 сантиметри синоќа почна десетата јубилејна Пастрамајлијада, која се одржува на новиот кружен тек „Дујле“, кај Градскиот стадион во Штип.

Главниот и најстариот мајстор на џиновската пастрамајлија, Мите Пеливанов, вели дека за да се направи ваква пастрамајлија потребно е искуство од 44 години во пекарата Макпромет, а тројцата мајстори  ја приготвувале околу четири часа.

- Во неа има ставено 23 килограми тесто, 18 килограми месо, широка е 70 сантиметри, вели Пеливанов.

Градоначалникот на Општина Штип Илчо Захариев истакна дека Штип има неколку културни настани, меѓу кои и „Штипската пастрамајлијада“ со кој се слави познатиот локален специјалист, а кој  на овие простори од страна на домаќинките се приготвува повеќе од три века.

- Пчекуваме над 150.000 гости, само за неделата имаме огромна најава на гости од Србија, Бугарија и од цела Македонија. Ние сме навистина добро организирани. Паркинг просторот ќе функционира совршено, а сите ресторани се подготвени да ги примат гостите, ќе работат и нашите брендирани продавници за нашиот производ текстилот. Навистина организацијата е фантастична и над 300 луѓе се вклучени во организацијата на овој настан и моја желба е дека ќе помине во уживање, вели Захариев.

Тој потенцираше дека јавните претпријатија се во функција на настанот, а Министерството за внатрешни работи, како што вели Захариев, своите задачи си ги завршува совршено, за сообраќајот да функционира без проблеми.

- Сакам да нагласам дека во сабота и во недела во Штип ќе се влегува и излегува од три насоки. Во правецот од Радовиш, Струмица ќе се влегува преку Ново село, од правецот од Скопје преку Три чешми и луѓето кои ќе доаѓаат од источна Македонија, значи Кочани, Виница, Берово, Делчево, Пехчево, Македонска Каменица  и Пробиштип ќе влегуваат преку селото Долни Балван со што ќе влегуваат во населбата Стар Карорман и ќе влегуваат во нашиот град, рече Захариев.

На „Штипската пастрамајлијада“ синоќа настапија познати македонски музичари, меѓу кои и победниците на „Макфест“ Ристо Самарџиев, Александра Јанева, а главниот концерт го имаа ЈУ група од Белград.

Најстариот член на Ју група, Жика Јелиќ , кој е дел од оваа група скоро половина век или 46 години вели дека по тонската проба ја пробале вкусната штипска пастрамјалија во еден од угостителските објектите.

- Одлично се чуствуваме. Супер ни е овде. Се потсетуваме на некои постари времиња од минатиот век, кога многу често гостуваме по разни градови во Македонија, а еве потворно сме во вашиот град. Со оглед на доброто време вечерашниов концерт младите генерации ќе го паметат, а оние постарите ќе се постетат на некои песни од напиот репертоар, вели Јелиќ.

Тридневната манифестација денеска продолжува со „Трката на келнери“ закажана за 12 часот и со натпреварот „Брзо јадење на пастрамјалија “ во вечерните ачсови кога почнува и забавно-музичкиот дел, вечерва главниот концерт од 23 часот е резевиран за групата „Рибја чорба“, а утре е големиот концерт на балканската ѕвезда Здравко Чолиќ.