Македонија
7. August 2022 - 16:27

Почна сезоната на шумски плодови на Пелистер

Последните години, особено откако започна ковид пандемијата, планината Баба привлече голем број посетители, покрај постојаните вљубеници во планината и планинарите. Но, забраната за движење во Националниот парк Пелистер која стапи на 23 јули заради опасност од пожари, кај голем број граѓани кои сакале да дојдат во посета, направила забуна.

-Има мали проблеми, се уште луѓето не знаат, некои прашуваат за забараната за движење. Нека знаат луѓето дека може да си извадат дозвола од Националниот парк и секој може да ужива во убавините на НП Пелистер, вели Иљо Стерјовски, Ренџер во НП Пелистер.

Исто така, од 3 август започна бербата на боровинки во Националниот парк Пелистер, а Стерјовски апелира до собирачите на боровинки, но и посетителите да не ја загадуваат природата. Изминатите години собирале многу отпад, а тој е многу тешко дa се исчисти особено на непристапните и високите делови. Во чистењето имале голема помош и од планинарите.

-Мора берачите да се грижат за Националниот парк, да не палат огнови, да не фрлаат ѓубре, затоа што после секоја берба оставаат отпадоци. Апел и до сите граѓани да се грижиме за природата. Оваа година мислам е малку подоба од минатите, а порано се собираа огромни количини на ѓубре, пластични шишиња, конзерви, се оставаше многу на Пелистер. Имаме голем бенефит од планинарските друштва, никогаш не сакаат да видат ѓубре, ни чистат и ни помагаат, вели Стерјовски.

Годинава има добар род, но од Националниот парк Пелистер апелираат да не се собираат несозреани боровинки. Исто така, оние кои ќе собираат боровинки мора да извадат соодветна дозвола од националниот парк, а потоа да ги предадат во 5-те откупни центри. Доколку бидат затекнати лица без дозвола за собирање, за нив следува висока казна, но и соодветна пријава за оние кои нема да ги почитуваат правилата.