Македонија
26. September 2019 - 13:19

Почна реконструкцијата на Градскиот пазар во Ресен

Со средства од Министерството за локална самоуправа и Општина Ресен денеска почна реконструкцијата на Градскиот пазар во Ресен. Со инвестицијата од над 3,5 милиони денари целосно ќе биде проширена и обновена кровната конструкција, декоративно санирање на тезгите, а ќе биде поставен и индустриски под.

На почетокот на градежните работи присуствуваа министерот за локална самоуправа Горан Милевски, градоначалникот на општина Ресен Живко Гошаревски и директорот на Пелагонискиот плански регион Гого Видимче.

Реконструкцијата на пазарот, како што истакна министерот Милевски, е само дел од активностите за подобрување на конкурентноста на Пелагонискиот плански регион.

– Сакаме да дадеме придонес кон одржливиот развој. Овој проект е од особена важност за жителите на населените места кои гравитираат околу Ресен, бидејќи продажбата на земјоделски производи претставува сериозен извор на приходи за нив, рече Милевски.

Општина Ресен, како што нагласи градоначалникот, ќе добие модерен пазар што ќе ги задоволува потребите на жителите, според сите норми и стандарди, а преспанските пазарџии ќе добијат подобри услови за продажба на своите производи.

– Реконструкцијата на пазарот е од големо регионално значење, бидејќи на овој простор ќе се продаваат стоки од Пелагонискиот регион, а неможе, а да не се спомене и близината на соседните држави Грција и Албанија и важноста за развојот на трговијата, истакна Гошаревски.

Средствата од околу 3,5 милиони денари се обезбедени од Бирото за рамномерен регионален развој од кои 152 илјади денари се со кофинансирање на Општина Ресен, преку Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион.

– Со проектот, ќе се реконструира постоечкиот пазарен простор и ќе се добие современа, покриена, безбедна и функционална локација за купување и продавање на пелагониски земјоделски и други производи, која секојдневно ќе ја користат производителите и купувачите од Општина Ресен, но и од целиот регион. Тоа ќе придонесе кон подобрување на условите за зголемување на трговијата, а воедно и производството на земјоделски производи, на регионално и национално ниво, истакна директорот на Пелагонискиот плански регион Видимче.

Модернизацијата на регионалниот пазар во Ресен има регионално значење, бидејќи претставува комплекс каде се врши размена на земјоделски производи, текстил, трговија на мало, ситна стока помеѓу субјекти од сите општини во Пелагонискиот регион и од соседниот Југозападен регион како и туристите кои доаѓаат во посета на регионот.