Свет
26. January 2020 - 14:23

Почна развивањето на вакцина против новиот коронавирус

Кинескиот центар за контрола и спречување на болести започна да развива нов вид вакцина против коронавирусот  2019-nCoV, кој предизвикува пневмонија, објави „Чајна Дејли“.

Во написот се посочува дека научниците во центарот успешно го изолирале вирусот и работат на избирање на вистинскиот сој на вирус за производство на вакцина.

– Истражувањето и развојот на вакцина за новиот коронавирус, кој предизвика епидемија во Кина, е на пат, рече Су Венбо, директор на Институтот за контрола на вирусни болести во центарот.

На 31 декември кинеските власти ја известија Светската здравствена организација за појава на епидемија на пневмонија од непознато потекло во градот Вухан, голем трговски и индустриски центар со 11 милиони жители. Патогенот, вирусот корона 2019-nCoV, беше идентификуван на 7 јануари.

А новиот коронавирус ги изненади научниците. Не знаат точно од каде почнал, иако се прошири на 9.500 километри од Вухан, каде првобитно се појави.

– Немојте да паничите доколку не сте платени да паничите, изјави епидемиологот Брендон Браун од Универзитетот во Калифорнија.

– Здравствените работници треба да бидат во состојба на готовност. Владите да им ги обезбедат ресурсите. Правовременото и точно информирање на јавноста е клучот, вели Браун и додава: А вие останатите, слободно дишете.

За овие три седмици од појавата на вирусот, кој се прошири на над 1000 лица во 11 држави, научниците дознаа неколку важни работи.

Станува збор за коронавирус, роднина на патогенот кој предизвикува тежок акутен респираторен синдром (САРС) и Блискоисточен респираторен синдром (МЕРС), болести кои предизвика стотици смртни случаи низ целиот свет. Другите коронавируси не предизвикуваат ништо потешко од настинка.

Покрај луѓето, со коронавирусите можат да се инфицираат крави, свињи, мачки, кокошки, камили, лилјаци и други животни. Повеќето од првите жртви на новата епидемија рекоа дека посетиле голем пазар со сточна и морска храна во кинескиот град Вухан, што укажува на тоа дека вирусот преминал од различен вид на човекот.

Кога експертите го испитувале генетскиот код, откриле секвенца дотогаш целосно непозната на науката. Ова значи дека луѓето не биле во можност да развијат природен имунитет на коронавирусот наречен n-CoV2019.

Повеќето смртни случаи се луѓе над 50 години, со претходна хронична болест или so ослабеn имунолошки систем.

– Досега немаме докази дека ова е поопасно од грип, вели Мајкл Мина, епидемиолог од Харвард. – Повеќето луѓе, со пристојна медицинска нега, ќе бидат во ред, вели тој.

– Всушност, можно е стотици или илјадници луѓе да се заразени во Кина или на друго место, но со толку благи симптоми што никој не ги забележал, додава Том Инглсби, директор на Центарот за јавно здравје Џонс Хопкинс.

Епидемиолозите сега се обидуваат да откријат кога новиот коронавирус се стекна со можност за пренесување од човек на човек, бидејќи пазарот во Вухан, кој се смета за почетна точка, јасно е дека веќе не е извор на ширењето на епидемијата.

Здравствените работници очекуваат ширењето на човек на човек да продолжи на краток рок, што значи дека ќе се појават нови случаи низ Азија, во САД, евентуално во Европа.

Откако го добиле геномот на коронавирусот, на научниците им  биле потребни  24 часа да развијат дијагностички тест.

Ова води до друг аргумент дека треба да се избегнува паника. Брзото зголемување на бројот на заболени може да доведе до заблуда. Пред да се изготви дијагностичкиот тест, лекарите немаа сигурен начин да ја разликуваат вирусната инфекција n-CoV2019 од некој друг што предизвикува пневмонија. И тоа значи дека бројот на регистрирани случаи сега ќе порасне.

– Слушате за 300 нови случаи, но можеби тие 300 биле од претходно. Зголемувањето на бројот на пациенти може да не значи ширење на вирусот, туку подобра детекција, констатира Мина.