Македонија
23. August 2021 - 16:40

Почна издавањето на новите лични карти - Што е сменето во нив?

Почна издавањето на лични карти со „Северна“. Меѓутоа, во нив нема посебна одредница за етничката припадност. Единствена промена е додавањето на новото уставно име на државата. Согласно Законот за употреба на јазиците, личните карти на албански јазик се испечатени и на македонски и на албански јазик. За помалите етнички групи, на нивно барање личната карта може да биде испечатена на македонски и на нивниот јазик.

Одобрение за издавање денеска добиле само 400 лични карти. Станува збор за документи, за кои граѓаните се сликале во Скопје помеѓу 5-ти и 7-ми јули.

Останатите кои се обидоа да го добијат овој личен документ не успеаја да го сторат тоа.

Поранешната судијка, Маргарита Цаца Николовска за Сител во однос на законитоста на подзаконскиот акт, со кој се уреди продолжувањето на издавањето на личните карти, рече целта ги оправдува средствата.

-Целта ни е јасна на сите и целта е таа која државата ја остварува во дадената ситуација. Да им овозможи на граѓаните да имаат идентификационен документ. Првенствено е тој јавен интерес и таа обврска на државата којашто ја има. Државата има обврска да издаде идентификациони документи. Попречувањето на издавањето на тие идентификациони документи е решено на овој начин, вели судијката Маргарита Цаца Николовска.

Премиерот Заев пак, појаснува дека правните служби нашле креативен начин за да го решат проблемот и да го одблокираат издавањето на личните карти.

-Тие два месеци работеа сите правни, стручни служби за да го изнајдат заедно решението, затоа што, во услови кога не се носи новото законско решение важи стариот Закон за личните карти. А креативноста на правните служби, пред се од МВР, заедно со Законодавство утврдија дека Законот за употреба на јазиците е доволна основа, и самиот Устав на државата е доволен основ, на основа на членовите 13, 14 и 23 од Законот за Употреба на јазиците и Уставот на Северна Македонија се најде правната формулација, рече Заев.

Граѓаните речиси два месеци не можеа да извадат лична карта поради филибастерингот на Левица, чии пратеници со 1.500 амандмани го блокираа Законот за лични карти.