Македонија
9. May 2023 - 16:36

Почна арбитражата за неизградениот Клинички - Италијанците бараат 18 милиони евра

Најмалку 18 милиони евра е барањето на италијанската компанија за неизградбата на Клиничкиот центар. 

Како што дознава Сител арбитражната постапка во судот во Париз веќе е почната и ова е почетната сума која ја бара компанијата од македонските здравствени власти бидејќи еднострано беше раскинат договорот. 

Финансиските побарувања на Италијанците како што велат нашите извори, можат само да растат, а колку пари ќе бидат одлеани од буџетот ќе се знае во финалниот дел од процесот. Засега Македонија нема избрано арбитри кои ќе ја застапуваат во овој предмет, за разлика од италијански ИНСО кој има адвокатски застапници во земјата. 

На барањето на Сител до Министерството за здравство да ни кажат подетални информации за плаќањето пенали, добивме само краток одговор:

- Проектната единица има изготвено информација за ВРСМ со која се информира Владата за состојбата со проектот и барањето за отпочнување на арбитражна постапка и истата треба да биде разгледана од ВРСМ и да се донесат заклучоци за натамошно постапување, одговорија од МЗ. 

Но оваа информација се уште не стигнала на Илинденска. Од Владата ни потврдија дека не добиле никаков допис, а кога ќе имаат ќе се изјаснат. 

„Во врска со прашањето, Ве информираме дека Владата на Република Северна Македонија по приемот на информацијата, истата ќе се разгледа а потоа ќе се усвојат заклучоци во врска со состојбата со проектот, односно и за барањето за отпочнување на арбитражна постапка“.

Пред да дојде до судот за арбитража, италијанската компанија испратила неколку писма до МЗ во кои ги известуваат за плаќањето на пенали кое на почетокот беше 8,5 милиони евра.

Договорот со ИНСО во 2017 го потпиша Тодоров како технички министер, а една година подоцна Филипче го раскина со ветување за многу поголем и грандиозен Клинички центар. Засега ниту има решение ниту некој најавил удирање на темели за нов објект.