Македонија
18. јуни 2024 - 11:50

Почина Стојан Андов

Првиот претседател на Собранието на самостојна и суверена Република Македонија, Стојан Андов почина на 89 годишна возраст.

Андов е роден во Кавадарци на 30 ноември 1935 година. Основно образование и гимназија завршил во родниот град, а дипломирал на Економскиот факултет во Скопје и магистрирал на Факултетот за политички науки во Белград во 1972 година. Бил секретар на Средношколскиот и на Општинскиот комитет на Народната младина, професор во Гимназијата со економски паралелки „Ј. Б. Тито“ од 1959 до 1963 година и во Работничкиот универзитет „Моша Пијаде“ во Кавадарци.

Работел во Земјоделскиот комбинат „Тиквеш“ во Кавадарци од 1963 до 1964 година, каде што бил секретар на Основната организација на СКМ и директор на Аналитичко-планскиот сектор.

Потоа заминал на работа како професор во Политичката школа на ЦК на СКМ во Скопје (1964-1965) и советник во Извршниот совет на Собранието на СРМ (1965-1967). Бил претседател на Собранието на Општината Кавадарци од 1967 до 1970 година, а потоа претседател на Републичкиот центар за идеолошко-политичко образование и студии во Скопје од 1970 до 1971 година и член на Секретаријатот на ЦК на СКМ. Бил избиран и на разни републички и сојузни општествено-политички функции.

На Петтиот конгрес на СКМ бил избран за член на постојаниот дел на Конференцијата на СКМ, претседател на Комисијата на ЦК на СКМ за општествено-економски односи и економска политика, член на Претседателството на Постојаната конференција на градовите на Југославија, член на Управниот одбор на Здружението на економистите на Македонија и член на Економскиот совет на Собранието на СРМ.

Подоцна во три мандати бил член на Сојузниот извршен совет во Белград од 1971 до 1982 година, претседател на Сојузната комисија за економска соработка со земјите во развој, претседател на Меѓурепубличкиот комитет за девизен и надворешно-трговски систем, претседател на дел од Југословенскиот мешовит комитет за соработка со Египет, Либија, Тунис, Турција и Франција (1971-1982), претседател на Комисијата за координација на соработката со Европската економска заедница и земјите на ЕФТА (1978-1982), потпретседател на Извршниот совет на Собранието на СРМ (1982-1986), пратеник во Општествено-политичкиот собор на Собранието на СРМ, претседател на Одборот за прашања од областа на општествено-економското уредување, стопанската политика, народната одбрана, општествената самозаштита, безбедноста и односите со странство на Извршниот совет на Собранието на СРМ и член на Делегацијата на Собранието на СРМ во Соборот на републиките и покраините на Собранието на СФРЈ (1986-1987), претседател на Одборот за општествен план и развој, како и вонреден и ополномоштен амбасадор на СФРЈ во Ирак од 1987 до јануари 1991 година.

Претседателот на Сојузот на реформските сили на Југославија го назначи за главен координатор во формирањето на Сојузот на реформските сили на Македонија на 15 август 1990 година, по што стана основач и водач на политичката партија Реформски сили – Либерална партија (Скопје, 5 ноември 1990), регистрирана како Либерална партија на Македонија (16 октомври 1990), останувајќи нејзин претседател до спојувањето со Демократската партија (ДП, 19 април 1997), кога е избран за претседател на Советот на новоформираната Либерално-демократска партија (ЛДП, регистрирана на 12 јуни 1997). На првите повеќепартиски избори е избран за пратеник, а подоцна и на сите наредни избори во Македонија.

Во три мандати бил претседател на Собранието на Македонија (8 јануари 1991 – 19 ноември 1994; 19 ноември 1994 – 6 март 1996 – до раскинот на коалицијата Сојуз за Македонија; 30 ноември 2000 – 3 октомври 2002). По атентатот на претседателот на Македонија Киро Глигоров на 3 октомври 199 5година, извесен период ја врши и функцијата Претседател на Република Македонија (5 октомври 1995 – 10 јануари 1996). Исто така, по изборот за пратеник во 1998 година бил претседател на Комисијата за монетарна, кредитна и банкарска политика.

На изборите од 31 октомври 1999 година бил кандидат на ЛДП за претседател на Република Македонија, но не се квалификувал за вториот изборен круг. По обновувањето на Либералната партија во 1999 година, бил избран за член на нејзиниот Извршен комитет. Повторно бил избран за претседател на Седмиот (Вонреден) конгрес на ЛП (јуни 2001) и потоа пак реизбран на Осмиот Конгрес на ЛП (јули 2004).

Освен тоа, како пратеник, бил и претседател на Постојаната анкетна комисија за човековите права и слободи на граѓаните од 2002 до 2006 година и претседател на собраниската Комисија за уставни прашања од 2006 година. Познат е како политичар од времето на СФРЈ ориентиран кон пазарната економија, искусен и успешен политички преговарач во современиот домашен политички амбиент, но и како политичар со меѓународна репутација во преговорите со странските експерти од областа на економските односи, политичкиот систем и човековите права. Избиран е за потпретседател на Либералната интернационала.