Свет
11. April 2021 - 9:31

Почина Ремзи Кларк, поранешен американски министер за правда и адвокат на Садам Хусеин

Поранешниот министер за правда на САД, Ремзи Кларк, кој го поддржуваше движењето за граѓански права на САД, а подоцна беше дел од меѓународен тим на адвокати кои го бранеа Садам Хусеин, почина на 93-годишна возраст.

Фондацијата и библиотеката именувана по американскиот претседател Линдон Б. Џонсон, за кого служел, објави на Твитер за смртта на Ремзи Кларк, лојален висок функционер и поранешен министер за правда од 1967 до 1969 година.

Кубанскиот претседател Мигел Дијас-Канел му оддаде почит на Кларк, опишувајќи го како „искрен човек кој застана покрај нас во одлучувачките битки и ги осуди големите неправди извршени од неговата земја низ целиот свет”.

Во периодот кога беше министер за правда, Рамзи Кларк детално го набљудуваше развојот на Законот за праведно домување, серија закони против дискриминација во домувањето и вработувањето, и се спротивстави на смртната казна. Потоа стана жесток критичар на американската воена интервенција во странство, од Виетнам до Ирак. Неговиот политички ангажман го натера да поддржи одредени контроверзни каузи, приклучувајќи се на комитети за заштита на поединци, како поранешниот ирачки диктатор Садам Хусеин и египетскиот исламистички проповедник Омар Абдел Рахман. Тој исто така беше еден од правните советници на Слободан Милошевиќ пред судењето на поранешниот српски претседател пред Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија.