Македонија
19. March 2016 - 11:56

Почина легендарниот македонски актер

 
 
 
На 86 годишна возраст синоќа во Скопје почина актерот Ацо Јовановски (1930 – 2016), бард на македонското глумиште.
 
Јовановски стана дел од првата генерација дипломирани актери, чија театарска кариера започнува веднаш по дипломирањето во 1952 година во Македонскиот народен театар.
 
По 13 години поминати таму, и по скопскиот земјотрес, тој е еден од малубројната група која преминува од МНТ, формирајќи го Драмскиот театар, каде ќе го помине остатокот од долгата и плодна театарска кариера, до неговото пензионирање.
 
Публиката ќе го памети по улогата на Досе во „Бегалка“, која станува една од неговите заштитни улоги. Следуваат „Долго патување во ноќта“, каде ја играше улогата на Едмонд, беше Принцот во „Пепелашка“, Турчинот во „Манде“, Третљов во „Галеб“…
 
Јованоски играше и во над 60 филмови во поранешна Југославија и во Македонија. Филмската кариера ја започнува како Климе, со улогата во првиот македонски филм „Фросина“ во 1952 година. По него следуваат „Мирно лето“, „Црно семе“, „Жед“, „Македонски дел од пеколот“, „Селска буна“, „Најдолгиот пат“, „Оловна бригада“, „Црвениот коњ“, „Јазол“, „Ангели на отпад“, како и многу ТВ филмови и серии како „Јагне на ражен“, „Илинден“, „Волшебното самарче“,„Претежно ведро“, „Трето доба“, „Погрешно време“...
 
Според неговите актерски остварувања може да се окарактеризира како актер кој успешно и подеднакво се снаоѓа во толкувањето улоги во комедии, историски драми и филмови со современа тематика. За нив има добиено многу награди: за животно дело, за ролји и еден орден за труд. Тој е единствениот македонски актер, кој заедно со Петре Прличко ја има добиено наградата „Славица“.
 
Прекарот Снагата, според легендите го добил зашто во младоста бил исклучително слаб, тенок и висок, а се правел важен во расправии и во боемските дискусии.
 
За скопјани Ацо Снагата ќе остане урбана легенда, голем уметник, градски господин, шегаџија, боем, човек од народот кој за својата работа ги доби највисоките признанија.
 
Покрај незаборавните улоги, тој остави генерации одлични актери зад себе, ќерката Силвија Стојановска, со нејзините млади, а веќе истакнати ќерки, глумиците Јана и Ана Стојановски.