Свет
12. May 2016 - 8:41

Плотницки: Луганск е подготвен на заедничко суштествување со Украина, доколку таа ги исполни Минските договори

Самопрогласената „Луганска Народна Република“ е подготвена на заедничко суштествување со Украина, откако Киев ќе ги исполни спогодбите од Минск, изјави лидерот на сепаратистичката република Игор Плотницки, пренесе ТАСС.

-Доколку Украина исполни се што е запишано во спогодбите од Минск, тоа веќе нема да биде онаа Украина што постои денес. И тогаш ние ќе бидеме подготвени да ја разгледаме како сосед, со кој можеме заедно да суштествуваме, да живееме, да работиме, да тргуваме, да комуницираме политички, изјави Плотницки.

Лидерот на „Луганската Народна Република“ упати критики кон Киев заради неговото одбивање да разговара за изборите во Донбас.

- Да, ние ги одложивме изборите. Не затоа што стравуваме да ги спроведеме, одамна ќе ги одржевме. Двапати ги одлагавме само за да може светската заедница да сфати дека сме подготвени за соработка и решавање на проблемите по мирен пат, изјави тој.

„Во моментов нема никакви проблеми да одржиме свои внатрешни избори“, подвлече Плотницки. „А ако Киев сепак не се реши да ги одржи ќе бидеме принудени тоа да го направиме сами, и ќе ги одржиме. Нема проблеми. Едноставно го чекаме конечното решение на Киев“, подвлече лидерот на сепаратистичката „Луганска Народна Република“, која денеска ја одбележува втората годишнина од оддржувањето на референдумот за самоопределување.

Слична прослава вчера се одржа и во Доњецк, потсети ТАСС.