Петок пред Духовден: Oва се обичаите што треба да ги испочитувате

Духовден е еден од најголемите 12 христијански празници. Се нарекува уште и Педесетница и е еден од најрадосните и најсветли празници во христијанството во кој се слави слегувањето на Светиот Дух врз апостолите на педесеттиот ден од Христовото воскресение. Овој настан претставува исполнување на старозаветните месијански пророштва.
Педесетницата се нарекува уште и „крај на празниците“, ден преку кој се довршува историјата на Спасението остварено преку Исус Христос токму поради тоа што православното учење како една службите на Месијата го назначува токму крштевањето преку Светиот Дух, односно Негово излевање врз човештвото. Иако Духот делува и пред и по Педесетницата, на овој ден Тој се покажува во Својот ипостас, а сѐ со цел самата историја на Спасението да се направи совршена. На овој ден започнува икономијата на Светиот Дух, Тој е Оној Кој го собира Божјиот народ во телото Христово, односно Црквата.
Обичаи
Во Скопје и Скопско домаќинките во петок пред зори месат мали благи лепчиња, кои пред да се раздени се носат на соседите и на пријателите. Тие треба да се изедат на гладно за да им се најде на тие што не се живи. Лепчињата треба да бидат меки, благи и топли како душата. Потоа попладне се посетуваат гробовите на починатите членови од семејството каде што се носат посни раздавки. Во сабота наутро, освен продуктите за раздавање, кои се делат за да му се најде на покојникот, се носи и пченица и вино. В недела, пак, по полноќ, на гробишта се носат млади гранки од оревово дрво, со кои се поминува целото гробно место. Порано се носеа бардачиња и каленици од глина, кои се полнеа со јагоди и цреши. Сега тие се заменети со стаклени или керамички садови кои може да држат вода, а се даваат на најдобриот пријател на покојникот. Важно е еден од продуктите што се даваат за душа на покојникот да биде домашен, односно да е замесено лепче или пита или нешто што многу го претпочитал покојникот.
Обичаите и верувањата на битолчани за време на духовденските празнувања се раздавање храна за душа на покојните, бдеење на гробовите до пред изгрејсонце и коленичење за време на црковната служба зашто веруваат дека духовите на покојните одат на причесна. Постарите битолчани раскажуваат дека подготовките за празникот почнуваат уште пред Спасовден кога се купуваат дарови за душа на покојните. Кај луѓето во овој крај од дамнина останало верување меѓу народот дека на Спасовден излегуваат духовите, па затоа претходно се купуваат чаши, маици, крпи, шолји. Во петокот пред Духовден се опеваат покојните, а другиот ден, во саботата, на Задушница се раздаваат даровите. На гробишта се носат храна, лепче, маслинки, сирење, кашкавал, јагоди и цреши и купените предмети кои се раздаваат на блиски. В недела на Духовден пред да изгрее сонцето уште во темнината ги мијат гробовите на покојните со гранки од маслинки и ореви. На тој начин симболично се мијат починатите роднини. В недела се служи во црквата голема литургија, подот во храмот е послан со лисја од ореви и маслинки.
Ново на Сител
-

Тема на денот со Петар Арсовски, политички аналитичар
-

Мицкоски оптимист по средбите со Мерц и Макрон
-

Филипче: Самитот во Тиват испрати јасен сигнал дека западниот Балкан припаѓа во ЕУ
-

Почна полагањето на државната матура - над 14.500 ученици седнаа на жешките столчиња
-

Се крои новата цена на парното, старите цевки летово ќе поминат „стрес-тест“
-

ИЈЗ го отвори првото државно психолошко советувалиште за деца и младинци
-

Струмичката болница доби кабинет за менаџирање на дебелината
-

Ургентен центар за два региони во КБ - Штип
