Свет
16. December 2019 - 11:30

Петмина загинати во земјотрес на Филипините: Потресот остави пустош зад себе, се трага по 7 исчезнати

Спасувачите денеска извлекоа уште две тела од трикатницата урната во силниот земјотрес кој ги погоди Филипните, додека третото тело е лоцирано, но не е извлечено, со што бројот на жртвите се искачи на пет.

Спасувачките екипи очајно трагаат по уште најмалку седум лица за кои се верува дека се заробени под урнатините на зградата во Падада во филипинската провинција Давап дел Сур.

Војската, полицијата, пожарникарите и волонтери, опремени со детектори за звук и движење го лоцираа третото тело под урнатините но не можеа да го извлечат, рече градоначалникот на Падада Педро Каминеро. Тој рече дека се трага по уште седум луѓе.

Земјотрес со магнитуда од 6,9 степени вчера ја погоди Падада и блиските рурални градови и провинции во областа Давао во која во последните месеци имаше три тешки земјотреси. Едно девојче загина кога врз него се урна ѕид, а жена во 70-ти години почина од срцев удар за време на потресот, соопштија официјални лица.

Вознемирените роднини чекале во одвоената зона додека спасувачите работеа во текот на ноќта на расчистување на урнатата зграда во потрага по нивните блиски. Во зградата која е урната се наоѓала и самопослуга, и неколку купувачи успела еда излетаа од неа додека земјаа се тресела, а некои се извадени со повреди.

Според наводите на официјалните лица вкупно 84 лица се повредени во вчерашниот земјотрес. Еден поголем град и четири помали близу епицентарот на земјотресот и денеска се без струја, и училиштата се затворени во таа област за инспекциските служби да ги проверат училишните згради.

Областа Давао е погодена од најмалку три силни земјотреси последниве месеци во кои неколку луѓе загинаа, а десетина се повредени, додека тешко оштетени се куќи, државни згради, хотели, трговски центри и болници.