Македонија
28. August 2019 - 19:13

Петмина осомничени за пожарот кој остави катастрофални последици, премиерот Заев на увид

Еден и пол милион евра е финансиската штета предизвикана врз шумскиот фонд уништен во пожарот кај езерото Младост. Од велешкото шумско стопанство Бабуна велат дека од направените анализи е утврдено дека опожарената борова шума е целосно неупотреблива. Високите пламени јазици кои 10 часа беснееја предизвикале огромна штета врз дрвната маса.

Локалните власти најавуваат дека со помош од владата, во следниот период ќе се работи на обнова на парк шумата покрај Младост. Премиерот Зоран Заев вели дека завчерашната катастрофа покажала дека е енопходно континуирано да се инвестира во опрема за потребите на Центарот за управување со кризи, Диркцијата за заштита и спасување како и противпожарните бригади кои освен што работат со преполовен број пожарникари, им недостасува и соодветна опрема.

Петмина велешани се осомничени за предизвикување на пожарот кој уништи шума стара половина век. Управител на фирма и четворица работници ќе одговараат за предизвикување општа опасност при изведување градежни работи на објект покрај автопатот Скопје – Велес.

„Надлежниот јавен обвинител до судија на претходна постапка при основниот суд во Велес, достави предлог за определување мерка притвор за одговорното лице и за работникот кој работел со апаратот за брусење во критичниот момент. За останатите двајца осомничени се предложени мерки на претпазливост“, се вели во известувањето од обвинителството.

Завчера околу пладне избувна пожарот кај езерото Младост. Опустоши територија од 500 хектари а настрадаа и една викенд куќа како и свињарска фарма. Изгоре и дел од работилница покрај автопатот.