Македонија
24. January 2020 - 21:55

Пендаровски – Мишел: Иднината и судбината на Македонија е европска

Мојата посета тука неколку недели после преземањето на функцијата претседател на Европскиот совет има за цел да даде многу силна порака дека иднината и судбината на Македонија е европска, дека треба да се продолжи интензивниот дијалог и дека треба да се донесе едногласна одлука во таа насока, порача претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел по денешната средба со претседателот Стево Пендаровски во Скопје.

За оваа моја намера во текот на состанокот во март да продолжиме со дебатите околу тоа како да го продолжиме напредокот, посочи, на моите колеги во Европскиот совет ќе им предложам стратегија која се заснова на три столба.

-Првиот столб е да работиме во следните недели и месеци, да се усогласиме околу една реформа на процесот на проширување и негова модернизација. Констатирав дека има повеќе европски земји кои сметаат дека треба да дадат поголемо лидерство на овој процес, повеќе опипливи резултати и да направиме односите да се развијат во взаемен интерес, рече Мишел.

Вториот столб е, потенцира, прашањето кое ќе биде поставено повторно на Европскиот совет околу почетокот на преговорите со Македонија и Албанија.

– Свесен сум за сите напории реформи кои се направени и кои треба да продолжат во следните месеци со цел да се спроведе Преспанскиот договор и Договорот со Бугарија. Знам дека ова се многу чувствителни прашања, меѓутоа тие придонесуваат кон можноста да се напредува на патот кон ЕУ, потенцира Мишел.

Трето, додаде, потребно е ЕУ да донесе стратегија за инвестиции и раст за Западниот Балкан.

-За мене  е исклучително значајно со овие структурни реформи, исто така, да се надоврзат и владеење на правото, борбата против корупцијата и заради тоа ќе се разговара и за една долгорочна инвестиција, посочи Мишел.

Претседателот Пендаровски истакна дека членството во ЕУ е наша стратешка цел и покрај тоа што минатиот октомври добивме непријатни вести за евроинтеграцијата и покрај нашите високи очекувања базирани врз недвосмислените изјави и ветувања од страна на институциите на ЕУ и од страна на голем број од државите членки.

-Подготвени да ја прифатиме новата методологија затоа што тоа е во наш интерес процесот за пристапување кон Унијата да биде одржлив и кредибилен. Членството во ЕУ е наша стратешка цел  скоро три децении, цел која е поддржана со широк национален консензус, како и со висока поддршка од граѓаните. Се надеваме дека многу скоро уште во март оваа година ќе биде усвоена новата методологија за водење на претпристапните преговори и дека наскоро ќе има позитивни вести за нашата европска интеграција.  Очекуваме дека со новата методологија ќе се зајакне процесот на пристапните преговори како политички, така и во однос на кредибилитетот и одржливоста, рече Пендаровски.

Нагласи дека сите политичари во земјава очекуваат да продолжиме со работа на реформската агенда на земјата така интензивно како што работевме и во решавање  на прашањата со соседите и унапредување на добрососедските односи.

-Потребна е целосна посветеност на спроведување на клучните реформи, како и организирање на слободни, фер и демократски избори. Европската интеграција не е значајна само за нас. Проширувањето на ЕУ е значајно за целиот регион. Процесот на пристапување кон ЕУ се покажа како значаен механизам за зајакнување на стабилноста, демократизацијата и економскиот просперитет за земјите кои се приклучија на Унијата. Наскоро стануваме полноправна членка на НАТО со што го заокружуваме исполнувањето на едната од нашите две стратешки цели на кои работиме со децении. Се надевам дека оваа пролет ќе ни донесе позитивни вести и за нашата втора стратешка цел – членството во ЕУ, потенцира Пендаровски.

Во одговор на новинарско прашање претседателот на Европскиот совет посочи дека очекува до Советот на 26 март да има појасен став околу ова прашање.

-Се надевам дека на нашиот состанок на 26 март ќе имаме појасен став кој ќе биде поддржан од сите земји членки едногласно. Во октомври не се успеа да се оденесе одлука и сметавме дека треба да се работи на трите столба од кои првиот се однесува  на методологијата на преговори и проширување која треба да се реформира. Веќе работевме со земјите-членки да ја охрабриме Комисијата да направи напори во таа насока. Скоро Комисијата ќе ги даде своите предлози, потенцира Мишел.

Јас како претседател на Европскиот совет, додаде, сакам да имаме ангажиран дијалог со земјите-членки за да постигнеме заеднички став по ова прашање, но и во однос на другите два столба – начинот на отворање на преговорите со Македонија и Албанија и амбицијата да се мобилизираат капацитети за инвестиции за раст и да се дадат опипливи резултати што е можно поскоро.

-Состанокот на 26 март ќе биде момент на многу тешки политички разговори за што треба да се направат многу подготовки во следните денови и се надевам дека ќе имаме појасен став од страна на Советот во март, кој околу ова прашање треба да заземе едногласен став, рече Мишел.

Прашан дали новата методолгија за проширувањето ќе се води од францускиот „нон-пејпер“, Мишел рече дека дебатата отколу  методологијата ќе се одвива со сите 27 земји-членки од кои најголемиот број, како што кажа, сакаат да одат кон нова методологија за проширување.

-Земјите-членки треба да се усогласат и околу начинот на кој тие го гледаат во иднина процесот на проширување, но и за пактот за раст на инвестиции за Западен Балкан, што е многу значаен како поддршка на реформите за владеење на правото и борба против корупцијата, посочи Мишел и како многу значајни за иднината ги оцени и вреднувањето на Преспанскиот договор и Договорот за добрососедство со Бугарија.

Одговарајќи на прашање претседателот Пендаровски посочи дека на серијата средби што ги имал со европски званичници во Ерусалим добил впечаток дека донесувањето на законот за јавно обвинителство не е предуслов за добивање датум за преговори.

-На средбата со Мишел воопшто не разговаравме за ова прашање, но имаме и работна вечера на која не е исклучено да разговараме и за тоа. Мојата импресија од досегашните разговори, и тоа не само со Мишел и еврокомесарот за проширување Оливер Вархељи, е дека тој закон не е предуслов да добиеме позитивна одлука за почеток на пристапни преговори. Не само што не е предуслов, туку не е ни неформален предуслов, рече Пендаровски.

Нивната  аргументација е, потенцира, можеби некои земји-членки кога ќе дојде време за решавање ќе сакаат и тоа прашање да го постават и не е лошо да не им дадете дополнителна причина или аргумент да блокираат. Затоа не е лошо ако можете претходно да го донесете.

-Значи не станува услов ни формален ни неформален за отпочнување на преговорите што не значи дека сакам да го минимизирам значењето на тој закон.Тој е многу биетн да биде донесен сега или подоцна, а во однос на мојата евентуална улога на посредник мора  да има согласност од сите страни инволвирани во досегашните разговори на ниво на рабони групи. Колку што ми е познато до овој момент нема согласност од најмалку една страна во преговорите. Ако се појави таква потреба јас сум подготвен да ги понудам миуте услги, рече Пендаровски.