Македонија
11. May 2019 - 16:04

Пендаровски доби уверение, утре ќе биде инаугуриран

Стево Пендаровски го доби уверението од Државната изборна комисија за претседател на Македонија. Пендаровски официјално е прогласен за шеф на државата од страна на ДИК, врз основа на усвоените конечни резултати од вториот круг претседателски избори.

Оценувајќи ги како најчисти избори досега, Пендаровски порача дека тие ќе бидат одлична препорака за добивање одлука за датум за преговори.

Прва задача на Пендаровски во претседателската резиденција ќе биде утрешната средба со досегашниот претседател Ѓорге Иванов и членовите на Кабинетот, на кои ќе им порача дека политичкиот реваншизам е минато.

Во најбрз можен рок најави и потпишување на законите кои Иванов одбива да ги потпише. Темелно ќе учествува во реформите во областите каде што има ингеренции како што се безбедносните служби. Пендаровски посочи дека таму нема да има место за тие што се огрешиле пред законот.

„Сите оние кои се огрешиле пред законот и Уставот, а според моите информации Обвинителството води истрага за 4 такви лица, нема да бидат дел од тимот што е под ингеренција на Претседателот“, изјави Пендаровски.

Петгодишниот мандат на Пендаровски официјално ќе почне утре напладне, кога на седница во Собранието тој ќе биде инаугуриран како петти претседател на државата во присуство на повеќе домашни и странски гости, меѓу кои претседателите на Србија, на Косово, на Албанија и на Бугарија.